„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис-заедницата ја поздравува одлуката на Уставниот суд – Вакви коректно правни одлуки ни ја враќаат довербата во правниот систем

12.02.2025

 Одлуката на Уставниот суд за поништување на Законот за данок на солидарност беше дочекана со поддршка од страна на бизнис-заедницата, која ја препозна како потврда за значењето на правната сигурност и предвидливоста на деловниот амбиент. До Стопанската комора на Северна Македонија пристигнуваат писма со поддршка и честитки, меѓу кои и од Ирена Јакимовска, директор на компанијата Комфи Ангел од Прилеп, која во својата порака до претседателот на Комората, Бранко Азески, истакна:

„Честитки до Комората, вакви коректно правни одлуки ни ја враќаат довербата во правниот систем и искрено се надеваме и посакуваме малку мирно море.“

Стопанската комора од самиот почеток јасно и аргументирано укажуваше дека ваквото законско решение, особено со неговата ретроактивна примена за фискалната 2022 година, носи сериозен ризик за правната сигурност и стабилноста на деловното опкружување.

Преку Клуб 100, Управниот и Надзорниот одбор, Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори и други бизнис-асоцијации, Комората институционално настапи против Законот, истакнувајќи дека селективното и ретроактивно оданочување не е соодветен механизам за економско регулирање.

Оваа одлука на Уставниот суд испраќа јасна порака за важноста на правната предвидливост како темел на економскиот развој. Стопанската комора останува посветена на активен дијалог со институциите за креирање на одржливи и праведни економски политики кои ќе го поттикнат растот и конкурентноста на македонската економија.