„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Најново од комората

Азески на Регионален бизнис форум – го поврзуваме стопанството, градиме партнерства

23.11.2026

| Новости

Во рамки на 9.регионален бизнис форум во Нови Сад, во присуство на претставници на деловните заедници од регионот, делегати и инвеститори од Германија, Франција, Турција и други, како и претставници на дипломатскиот кор, претседателот на Стопанска комора Бранко Азески во своето воведно обраќање во рамки на отворање на форумот, пред присутните истакна дека честа СКСМ да биде официјален партнер на годинашниот форум, само ја потврдува сериозноста на организаторот кој фокусот го става на извозната ориентираност на компаниите од регионот и потребата од нивна сериозна поддршка, како и фактот дека Стопанската комора на Војводина е природен, докажан и сигурен сојузник на бизнисот.

Единствениот европски пазар е нашата заедничка цел, и до него се стигнува здружено, со усогласени стандарди, и со вистинско вмрежување на нашите компании во европските синџири на снабдување, истакна Азески. Посочи и дека регионалната соработка има многу поголем потенцијал од тоа што навистина се соработува, и дека за зголемување на конкурентноста на нашите компании мора да ги отстраниме тесните грла и да се овозможи слободен проток на стока, луѓе и капитал помеѓу државите. Тоа значи две конкретни работи: прво, целосно остварување на заложбите на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6 CIF) за слободен проток на стоки, услуги, луѓе и капитал, без чекање на границите, без удвојување сертификати и без непотребни нецарински бариери; и второ, итно и ефикасно инфраструктурно поврзување преку Коридорите 8 и 10, како и нивно директно надоврзување со европските пристаништа и пазари. Без модерна патна и железничка инфраструктура, секој економски договор останува само мртво слово на хартија.

 
 

Азески, упати порака до партнерите од ЕУ дека приватниот сектор од регионот не смее да остане пасивен набљудувач, туку мора активно да биде вклучен во креирањето на европските економски политикикои се однесуваат на нив наместо да реагира на нив откако ќе бидат донесени. За бизнисот, тоа е прашање на опстанок и конкурентност. Да бидеме реални и отворени, како што ние стопанствениците секогаш велиме: потенцијалот на нашиот регион е многу поголем од она што практично сме го постигнале рече претседателот на СКСМ. Предолги години интеграцијата ја меревме според бројот на одржани состаноци, самити и потпишани декларации. Време е да почнеме да ја мериме исклучиво според времето и трошокот што една компанија ги заштедува на граница и во секојдневното работење.

Во рамки на Форумот, се потпиша и Меморандумот за соработка меѓу Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Војводина, за кој претседателот Азески вели дека  не е само уште еден е протоколарен чин. Тоа е работна обврска. Обврска да ги споиме компаниите од металската, прехранбената, земјоделската и информатичката индустрија, да дадеме силен ветер во грбот на женското претприемништво кое денес овде го гледаме на дело преку „Мојот маркет“, и да создадеме заеднички производи со повисока додадена вредност со кои заедно ќе настапуваме на трети пазари.

На 9.регионален бизнис форум во Нови Сад, се разговараше за „CBAM“ и зелената транзиција на индустријата - предизвици и можности за компаниите од Западен Балкан, за земјоделство преку креирање „Dunube Farm“ - градење заеднички бренд за квалитет за регионот на Дунав, како и за одржливиот економски развој.