„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Усогласување на високото образование со потребите на пазарот на труд

17.07.2025

Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Министерството за образование и наука во рамките на процесот за подготовка на новата Стратегија за образование 2026–2032 година, одржа тркалезна маса на тема „Високо образование усогласено со пазарот на труд“.

Во присуство на истакнати бизнисмени и компании со значаен удел во македонската економија и претставници на другите бизнис-асоцијации, се дискутираше за поглавјето од стратегијата посветено на високото образование, а целта беше бизнис-секторот да добие информација дека е започнат процесот на изработка на стратегијата во делот на високото образование, истражувањето и иновациите. Преку дискусијата што се разви на тркалезната маса идејата беше да се добијат мислења од бизнисот и останатите комори, за предизвиците со кои се соочуваат во соработката со високото образование и да се разгледа можноста за посилно учество на компаниите во процесите на истражување и иновации, но и да се работи на подобрување на наставниот процес во високото образование и негово доусогласување со динамичните потреби на пазарот на труд.

Во улога на експерт од Светска банка за подготовка на Стратегијата за образование во делот на високото образование, д-р Никица Мојсоска Блажевски, истовремено и потпретседател на Управниот одбор на Комора, ги презентираше досегашните анализи и наоди, кои беа основа за вклучување на идеи, предлози и препораки од страна на учесниците (компаниите и бизнис-заедницата), а м-р Наташа Јаневска, советник за образование во кабинетот на претседателот на Стопанската комора, согласно досегашните наоди и информации од компаниите, даде видувања каде треба да се интервенира во високото образование за подобрување на квалитетот на високото образование, за испораката на високообразовен кадар со стручни вештини и комптенции и за усогласувањето со потребите на пазарот на труд.

Тркалезната маса се одликуваше со отворен и конструктивен дијалог, насочен кон идентификување мерки што ќе обезбедат образование кое создава квалитетна и конкурентна работна сила и веднаш функционална.

Бизнис зедницата испрати јасни пораки за важноста од зајакнување на врските меѓу образовните институции и бизнис секторот, како предуслов за успешно планирање и спроведување на образовната политика. Акцент беше ставен на:

-        Создавање систем за конструктивен дијалог помеѓу бизнис-заедницата и академската фела во искажувањето на потребите за создавање стручен високообразовен кадар;

-        Системско уредување на практичната настава на реално работно место во компанија;

-        Стандардизирање на квалификациите;

-        Зајакнување на Агенцијата на квалитет во високото образование;

-        Зајакнување на процесот на евалуација на високообразовните институции, вклучувајќи и следење на дипломираните студенти, односно нивната вработливост;

-        Развивање на меките вештини (критичко размислување, иновативност, претприемништво);

-        Креирање теми за семинарски, дипломски, додипломски и докторски трудови во соработка со бизнис секторот; 

-        Дигитализирани процеси на факултетите и регистри на студиски програми;

-        Зајакнување на капацитетите на Центрите за кариера како место за поврзување на студентите и бизнис заедницата за реализација на практичната настава;

-        Зголемување на средствата за инвестиции и развој, и тн. 

Предлозите од бизнис-заедницата ќе бидат вклучени во стратегијата и заедничкиот заклучок на учесниците на настанот беше дека е потребно следење и сериозна евалуација на реализацијата на активностите на Акцискиот план на Стратегијата.