„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
17.04.2025
Претседателот на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија, Андреа Серафимовски оствари продуктивна средба со директорот проф. д-р Игор Ѓорѓиев, и заменик директорот, проф.д-р. Радмила Шариќ Макреска на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), кој е долгогодишен член во Здружението.
На оваа средба, која беше фокусирана на потенцијалот за унапредување на соработката помеѓу овие две страни, се потврди важноста на нивното партнерство за јакнење на градежната безбедност во земјата, за еднички пристап кон изготвување на законската регулатива поврзана со дејноста, еврокодови, капитални инвестиции, учество на стручни дебати и заеднички настап ЕУ и меѓународниот пазар.
„Нашата соработка со Институтот е клучна за обезбедување на сигурност и квалитет во изградбата на објекти, особено кога станува збор за земјотресно отпорни конструкции. Како член на Стопанската комора, ИЗИИС покажува не само стручност, туку и голема посветеност на напредокот на градежната индустрија. Со заедничка работа можеме да ги интегрираме најновите достигнувања во инженерството и да го зголемиме нивото на безбедност на нашите објекти“, нагласи претседателот на Здружението, Серафимовски.
Претставниците на Институтот истакнаа дека продолжената соработка со Стопанската комора и со членките на Здружението ќе биде од суштинско значење за понатамошниот развој на земјотресно отпорни технологии и стандарди. Тие посочија дека е потребно постојано да се работи на едукација и едуцирање на сите актери во градежната индустрија, како и на усвојување на најновите научни пристапи кои ќе им овозможат на објектите да бидат што поотпорни на земјотреси и други природни катастрофи.
Средбата беше одлична можност за размена на идеи и предложени нови иницијативи кои ќе ја зајакнат соработката помеѓу научните и деловните кругови, како и за интензивирање на стручната поддршка за градежниот сектор. Двете страни се согласија дека со заеднички напори ќе продолжат да работат на модернизација на градежните стандарди и практики, што ќе обезбеди сигурност и долготрајност на инфраструктурните проекти во земјата.
Соработката помеѓу Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија е од суштинско значење за развојот на градежната индустрија и безбедноста на објектите, и ќе продолжи да има позитивен ефект за сите учесници во процесот на изградба.