„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
17.04.2025
По повод патрониот празник, АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Град Скопје организираше Отворен ден, насочен кон запознавање на идните средношколци со струките и образовните профили што ги нуди училиштето, како и кон продлабочување на соработката со реалниот сектор.
Ученици од деветтите одделенија од основните училишта од Скопје учествуваа во низа интерактивни активности. Тие имаа можност да ги посетат Автошколата со симулатор за возење, Станицата за технички преглед, АСУЦ Брокер, училишната работилница и кабинетите за практична и теоретска настава. Преку овие активности, младите одблиску се запознаа со современите услови за учење и со конкретните можности за професионален развој што ги нуди училиштето.
Покрај едукативниот дел, фокусот на настанот беше ставен и на соработката со стопанството. Социјалните партнери на училиштето, преку поставени штандови, ја презентираа својата дејност, а дел од нив реализираа интервјуа со ученици од завршните години. На овој начин се овозможи директен контакт меѓу компаниите и учениците, со потенцијал за практична работа и идно вработување.
Стопанската комора на Македонија активно работи на унапредување на дуалното образование и практичната настава во стручните училишта, со цел поефикасно поврзување на образовниот систем со реалните потреби на пазарот на трудот.
Отворениот ден во АСУЦ „Боро Петрушевски“ претставува пример за успешна имплементација на оваа стратегија, каде образованието и бизнисот функционираат во заеднички интерес – развој на квалитетен и конкурентен кадар.