„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

Бизнис клуб „Европа“ – Успешна алатка за промоција на младите бизнис лидери и за пристапување кон ЕУ

21.01.2025

 Стопанската комора на Северна Македонија го формираше Бизнис клубот „Европа“-платформа за промоција на младите македонски бизнис лидери и за активно вклучување во процесите поврзани со Европската унија.

Оваа иницијатива произлезе од успешниот подкаст „Бизнис клуб“, каде што се истакнува новата генерација македонски бизнисмени, кои со својата креативност и иновации ја градат иднината на македонската економија.

На прес-конференцијата во Стопанската комора, Наташа Јаневска, проектен менаџер во Комората, истакна дека Клубот е формиран со одлука на Управниот одбор на Комората, како алатка за пристапување кон ЕУ. Активностите ќе бидат насочени кон подобрување на конкурентноста и продуктивноста на македонското стопанство кои на одреден среден рок природно би придонеле кон раст на бруто домашниот производ, раст на куповната моќ и доближување на нашата земја до ЕУ.

„Бизнис- Клуб Европа ќе претставува успешен инструмент за повратни информации од деловната заедница до Европската комисија, а веќе е предвиден како една наша проектната активност во рамки на проектот што Комората го работи- Enterprise Europe Network. Главниот фокус и целта во делувањето на Бизнис -Клубот Европа ќе биде ЕУ, интегрирањето во процесите на ЕУ, дипломатијата поврзана за прашањата поврзани со ЕУ и процесот за градење на политика кон ЕУ, промоција на процесот на пристапување во ЕУ, преку дискусии на тркалезни маси и други форуми за дебати за прашања од ЕУ и во организирање на разни информативни и комуникациски настани“, изјави Јаневска на прес-конференцијата.

Фокусот на Бизнис клубот ќе биде насочен и кон остварување на зацртаните приоритети во Стратегијата на три-И (инвестиции, извоз, инфраструктура) на Комората.

Стопанската комора во соработка со продуцентската куќа „Трето Уво“, го создаде подкастот „Бизнис Клуб со Бранко Азески“, кој веќе се етаблира како уникатен медиум за промоција на успешните македонски бизнисмени.

Иво Јанкоски од „Трето Уво“ пред новинарите ја објасни идејата за подкастот, но и досегашното искуство.

„Постоењето на подкаст посветен на успешните бизнисмени во Македонија е клучно бидејќи служи како инспирација за младите претприемачи, нудејќи реални приказни за успех и практични совети, додека промовира позитивна слика за македонскиот бизнис-екосистем и поттикнува култура на иновации и претприемништво. Успехот на подкастот Бизнис клуб ги надмина дури и нашите очекувања, според резултатите од анализите кои ги направивме тој донесе огромна гледаност и ја зголеми видливоста на активностите на Комората и нејзините членки неколку пати. Од почеток до денес нашите објави поврзани со подкастот Бизнис клуб достигнаа рич на сите социјални мрежи вкупно од околу 300.000, и што е најважно повеќе од 70% нашата публика е на возраст од 25 -44 години, т.е. онаа најработоспособната група на млади луѓе , што беше и нашата цел од самиот почеток“, изјави Јанкоски.

Во следниот период се планира збогатување на содржините на подкастот со гости од регионот и од Европа.