„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
31.12.2024
Во рамки на седницата на највисокиот орган на Стопанската комора на Северна Македонија – Собранието, беше одржана презентација на клучните активности и постигнувања од проектот „Граѓаните против корупцијата“, што Комората го спроведува со поддршка на УСАИД.
Презентацијата опфати преглед на главните резултати од спроведените активности, со посебен акцент на резултатите од анкетата што Комората ја спроведе за изложеноста на компаниите на коруптивни барања од јавниот сектор во 2023 година. Меѓу другото, во анкетата компаниите покажаа голема свест за значењето на интегритетот како клучен елемент за долгорочен развој, зголемување на довербата и унапредување на нивниот пазарен потенцијал. Во февруари 2025 година во рамки на проектот ќе се реализира нова годишна Анкета.
Посебен сегмент од презентацијата беше посветен на одржаните бесплатни обуки за бизнис интегритет во Прилеп и во Битола, кои се дел од овој проект. Преку спроведување на обуките, десетици компании од овие региони имаа можност да се запознаат со практични алатки за спречување на коруптивни практики, воведување транспарентни процеси и градење на култура на етичко деловно однесување.
Собранието беше информирано дека Комората ќе продолжи да работи на промоција на бизнис интегритетот како стратешки приоритет. Во рамки на проектот, дел од активностите опфатија и потпишување на Меморандум за соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), кој има за цел да ги обедини и зајакне напорите на различни чинители во општеството во борбата против корупцијата.
Програмата „Граѓаните против корупцијата“ е предводена од Македонскиот центар за меѓународна соработка, поддржана од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор.