„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Тркалезна маса за измени и дополнувања на Законот за домување

06.03.2023

Има управители ама недостасуваат инспектори

Групацијата за домување и управување со станбен и деловен простор при Комората, беше дел од тркалезната маса иницирана од Регулаторната комисија за домување на која активно учество имаа и министерството за транспорт и врски како носител на законското решение, група пратеници од Собранието на РСМ како претставници на законодавниот дом, невладини организации кои ја третираат дејноста домување, и инспектори надлежни на локално ниво за дејноста. Тема на дискусијата беше проблемите во дејноста со барање начини како истите да се надминат и какви законски измени се потребни за поголема функционалност. 
На измени на матичниот Закон за домување се работи подолг период наназад. Формирана е и работна група со вклученост а сите инволвирани страни. Претседателот на Регулаторната комисија за домување Зоран Маџовски најавува дека се очекува до мај годинава Законот да влезе во владина процедура, а потоа да биде усвоен од страна на Собранието. Предложените измени и дополнувања на Законот за домување, би требало да поттикнат допрецизирање и доуредување на одрдени системски решенија, за што се предлагаат нови одредби со кои би се регулирале прашања кои со постојниот Закон не се целосно регулирани. 

Дејноста домување преку новиот закон има активна улога повеќе од 10 години . Во целото времетраење забележани се и голем број позитивни резултати, преку  подигнување на нивото на свеста на населението за колективно домување, како и зголемување на квалитетот на заедничкото живеење. Од 2011 година до декември 2022 година бројот на станбени згради кои се управувани од лиценцираните управители изнесува 4 829 или вкупно 114 014 станови и деловни простории, додека пак управувани од заедници на сопственици има вкупно 2 655 станови. 

Клучно е дека главна карика во спроведувањето на Законот за домување имаат општините. Градоначалниците имаат обврска да назначат општински инспектори за домување, но поголем број на општините се уште немат назначено, а во Скопје има само шест инспектори и тоа во Центар, Карпош, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Чаир. Со назначување инспектори за домување во сите урбани општини, а посебно во општините во Градот Скопје значително ќе се подобри квалитетот на домувањето во колективните станбени згради. 
Од 2011 година до денес Регулаторната комисија за домување издала вкупно 123 лиценци на фирми за управување со заедничките делови на зградите. Во меѓувреме на голем број лиценцирани фирми им престанала важноста на лиценцата поради повеќе фактори меѓу кои и одземање лиценца поради непочитување на законот за домување.