„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

УЛОГАТА НА ЗДРУЖЕНИЈАТА ВО РАМКИ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ВО КРЕИРАЊЕ СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА ПО МЕРКА НА БИЗНИСОТ

10.10.2024

Стручното образование ќе ја постигне својата цел доколку завршените ученици  полесно и побрзо ќе успеат да ја направат транзицијата од училишната во работната средина и со своите стекнати вештини и компетенции брзо ќе можат да се вклопат во современите економски и технолошки текови на пазарот на трудот. Стручното образование е комплексен систем мора да биде релевантен на потребите за вештини на пазарот на трудот, но и фунционален и флексибилен кој ќе ги следи промените и брзо ќе испорачува квалитетни кадри со бараните вештини. Тоа може да се оствари само со заедничка соработка на образовниот и бизнис секторот на две нивоа: содржинско ниво, преку учеството на бизнис заедницата во креирање, во развој и во спроведување на политиките во формалното стручно образование и обука и со зедничко креирање на програмски документи, стандарди и образовни програми и на оперативно ниво, преку реализација на програмите за учење преку работа, сертифицирање ментори, верификација на компании за практична обука и учество во полагањето на завршниот испит на учениците.

Ваквата соработка бара силна координација на двете страни за постигнување на заедничката цел - креирање образовен систем којшто создава кадар кој во текот на образовниот процес ќе се стекне со соодветните вештини и компетенции што ги бара пазарот на трудот.

Затоа Стопанската комора во рамките на своите активности ја реализираше тркалезната маса на тема: „Дефинирање на улогата на здруженијата во рамки на Стопанската комора во креирање стручно образование и обука по мерка на бизнисот“ на која во присуство на министерката за образование и наука, д-р Весна Јаневска, претставници од здруженијата, асоцијациите и групациите во рамките на Комората дадоа свои предлози и сугестии за унапредување на системот за стручно образование и обука.

Министерката Јаневска во своето обраќање до компаниите истакна дека средното стручно образование мора во континуитет да се надградува, но клучно е компаниите да даваат свој имапкт за да може да се интервенира. Јаневска повика на активно партиципирање на бизнис секторот во следење на ситемската регулатива и вклучување во процесите за креирање образовен модел во интерес на создавање кадри кои ќе одговараат на потребите на стопанството во целост.

На тркалезната маса, од страна на м-р Борис Тримчев од Хелветас, на покана на Комората, беа презентирани добрите практики за швајцарскиот модел на стручното образование и улогата што ја имаат здруженијата и коморите во стручното образование, посочувајќи дека компаниите преку бизнис здруженијата ќе треба уште поактивно да се вклучат во креирање на наставни програми согласно нивите потреби, но и акцент да се стави пред сè на промоција и афирмирање на успешните примери за изучување на стручното образоавние и негова примена во реалниот сектор. 

На организирањето на тркалезната маса и предходеше анкета што се спроведе помеѓу компаниите-членки на здруженијата, асоцијациите и групациите во рамките на Комората, а добиените наоди беа презентирани на тркалезната маса, врз основа на кои беше иницирана дискусијата.