„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
03.10.2024
Во салата на општина Штип се одржа промотивниот настан “Сончева енергија за вашиот бизнис”, на кој присуствуваа компании од различни индустрии, вклучувајќи преработувачка и текстилна индустрија, како и компании од енергетскиот сектор. Настанот беше организиран од Стопанската комора на Северна Македонија, со поддршка на консултантскиот тим (adelphi, IPC и iC consulenten) и кредитната линија EIB7.
Целта на настанот беше да ги поттикне локалните бизниси да се пренасочат кон обновливи извори на енергија, намалувајќи го јаглеродниот отпечаток. Присутните имаа можност да се запознаат со најновите технологии за фотоволтаици и батерии на македонскиот пазар и да разменат искуства со експерти од индустријата за соларна енергија.
Проф. д-р Кочо Анѓушев, сопственик на Фероинвест, одржа презентација за соларни решенија, прилагодени на енергетските потреби на компаниите. Учесниците поставуваа прашања и добија одговори на теми како: „Како да се избегнат типични грешки при инсталација на соларни системи?“, „Кој е најдобриот систем за складирање енергија?“ и „Како да се аплицира за финансирање преку EIB7?“.
Кредитната линија EIB7, имплементирана во соработка со Развојната Банка на Северна Македонија и локалните комерцијални банки, е наменета за подобрување на енергетската ефикасност и проекти за обновлива енергија за микро, мали и средни компании. EIB7 нуди поволни услови за финансирање, вклучувајќи ниски каматни стапки, грејс период и долги рокови за исплата. Заинтересираните компании можат да аплицираат за финансирање преку петте партнерски банки: Комерцијална банка, НЛБ банка, ПроКредит банка, Стопанска банка и Шпаркасе банка.
Кредитната линија EIB7 изнесува 100 милиони евра и е наменета за намалување на јаглеродниот отпечаток и за поддршка на малите бизниси во создавање на отпорност кон климатските промени.