„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

проект Граѓаните против корупцијата

Јовановски гостин во централниот дневник на ТВ Сител: 83 % од компаниите ја рангираат корупцијата меѓу трите најважни прашања што треба да се решат

28.06.2024

Приватниот деловен сектор преку анкетата на Комората испрати јасна порака дека претпочита силни, непосредни решенија. Компаниите би сакале да видат зголемени казни за оние кои се вклучиле во коруптивни активности

 Во делот на „Тема на денот“ на централниот дневник на ТВ Сител, потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и советник во Кабинетот на претседателот, Зоран Јовановски ги претстави резултати од анкетата за корупција во приватниот сектор.

Анкетата, што беше спроведена во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“, покажа дека корупцијата е прашање од критична важност за приватниот деловен сектор бидејќи 83 % од компаниите ја рангираат меѓу трите најважни прашања што треба да се решат за да се има добра деловна средина.

Приватниот деловен сектор преку анкетата на Комората испрати јасна порака дека претпочита силни, непосредни решенија. Компаниите би сакале да видат зголемени казни за оние кои се вклучиле во коруптивни активности.

„96 % од компаниите веруваат дека корупцијата може да се намали. Нивните гледишта варираат само во однос на степенот до кој тие сметаат дека може да се постигне тоа. Најголемиот дел од компаниите (59 проценти) веруваат дека корупцијата може значително да се намали, а 25,6 проценти веруваат дека не може целосно да се елиминира, но може да се ограничи до одреден степен. Ние ги прашавме исто така што мислат дека треба да се направи. Најмногу одговори имаше - да се зголемат казните за некој кој што е вмешан во корупција. И ова е јасна порака од приватниот сектор, дека не го прифаќа тоа како начин на однесување. Има уште еден интерес одговор, што ние го понудивме и сакавме да видиме како ќе помине, а тоа е Јавното обвинителство да има обврска во разумен рок да се произнесе за иницијативите кои доаѓаат од Антикорупциската комисија (ДКСК). Бидејќи ние во претходниот состав на ДКСК имавме педесетина претставки до Јавното обвинителство за кои јавноста не знае дали е нешто постапено. Јас не велам дека не е, можеби е прашање на комуникација, а не на непостапување. Но добро би било, да ја градиме таа клима, да се каже: преземено е или отфрлено e. Само да не стои така без било што да се каже“, изјави Јовановски.

Понатаму, компаниите испраќаат силна порака дека очекуваат секој чинител во општеството да вложи повеќе напори во изградбата на поотпорно општество и деловна средина. Во тој контекст тие не се исклучуваат од одговорноста да направат нешто повеќе од тоа што го прават сега. Во анкетата компаниите потврдуваат дека е потребно зајакнување на нивниот деловен интегритет и нивните механизми за спречување на корупцијата. 66 % од компаниите би посетувале обуки за бизнис интегритет организирани од Комората, 99 % би прифатиле Кодекс за етичко однесување, а дури 100 % се согласуваат да потпишат Декларација за етички принципи во бизнисот подготвен од Комората.

Анкетата, која беше промовирана на прес-конференција пред медиумите, по електронски пат беше спроведена во март годинава, а се однесува на активностите за 2023 година. Во анкетата учествуваат 138 компании, од кои 75 одговорија на сите праша, а останатите делумно.

Анкетата се спроведе за првпат, како дел од активностите на проектот „Граѓаните против корупцијата“ кој Комората го започна во април 2023 година. Станува збор за петгодишен проект, финансиски поддржан од УСАИД, што се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор.

 

Целиот разговор на Јовановски со уредничката на вестите на Сител, Славица Арсова на линкот