„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

проект Граѓаните против корупцијата

Да го направиме нашиот дел, да си помогнеме себеси-проектот „Граѓаните против корупцијата“ во Крива Паланка

04.04.2024

Приватниот сектор треба активно да се ангажира во борбата против корупцијата со воведување на етички стандарди и процедури за спречување на коруптивни практики, зашто оваа негатива појава влијае врз деловната средина што резултира со нелојална конкуренција, нефер правила на игра и создава нечесни предности на одредени компании на штета на интегритетот на целиот приватен сектор.
Ваквите заложби на Стопанската комора беа препознаени и прифатени од компаниите во Крива Паланка на четвртата средба што Стопанската комора ја организираше како дел од активностите „Граѓаните во акција“ предвидени со проектот „Граѓаните против корупцијата“. 
На состанокот кој имаше работен наслов „Зошто борбата против корупцијата е релевантна тема за приватниот сектор?“  беше презентиран проектот од страна на потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски, кој во разговорот нагласи дека со активно вклучување на приватниот сектор во овој важен процес, заедно можеме да го изградиме нашиот дел и да си помогнеме себеси. Проектот има за цел создавање на бизнис околина заснована на интегритет, транспарентност и етички практики. 
За состојбите со јавните набавки, на средбата свое излагање имаше Сабина Факиќ од граѓанската организација Центар за граѓански комуникации. 
Присутните претставници на компаниите ја истакнаа несигурноста во работењето и проблемите кои настануваат при учеството во јавните набавки и добивањето на тендерот, вклучително и неплаќање на фактурите од страна на државните институции. Реагираа на нелојалната конкуренција, неказнивоста и оценија дека корупцијата е присутна во секојдневното работење. 

Проектот „Граѓаните против корупцијата“, Комората го започна во април 2023 година. Станува збор за петгодишен проект, финансиски поддржан од УСАИД, кој се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор. Проектот, меѓу другото, предвидува вклучување на приватниот сектор во борбата против корупцијата преку неколку средби на локално ниво и активности насловени “Граѓаните во акција“.