„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Порака од претседателот

НОВИ АЛАТКИ ЗА УСПЕШНИ БИЗНИСИ

15.01.2024

Нека ни е среќна новата 2024-та година, која решивме да ја посветиме на лансирање на нови алатки во корист на нашите компании. Претпоставуваме дека и оваа година ќе биде една од низата кризни, но овој пат збогатена и со двојни избори за претседател и за парламент на државата. Ние во СКСМ сме сите на број, што значи никој не не напуштил, а доаѓаат многу други субјекти. Тоа ќе трае се додека ние сме авангарда во коморскиот систем и се додека нудиме нови можности. Затоа и вреди да се учествува во тие процеси и секој од нас да се вгради во Комората на иднината. 

1. 
Значи, денеска (15-ти јануари) ја отвораме оваа 2024-та година во која целосно ја трансформираме Комората. Го конституираме Центарот за микро мали и средни претпријатија, а на 18-ти јануари ќе посакаме добредојде на Комората на трговски друштва за геодетски работи, која целосно од ССК преминува во СКСМ. Циклусот ќе биде затворен со настан на кој ќе се промовира формирањето на Центар за циркуларна економија. 
2. 
Во меѓувреме, во Скопје ќе се одржи и Самит на лидерите на 6-те земји на Западен Балкан на кој ќе се разговара за планот за економски развој подготвен од Европската Унија, на кој за прв пат како субјект кој ќе учествува во неговото концепирањето е ставен Коморскиот инвестициски форум (КИФ), што е голем успех и за нас кои сме носечки кадри во таа институција. 
3. 
До крајот на месецот ќе издадеме и една книга за стратешките документи кои ги издала СКСМ во изминатиот период и кои се темелни принципи на секоја современа економија. Тие документи се практична потврда за капацитетот на нашата институција која во моментов е една од најзначајните во државата. Сето тоа започна во 2010-тата година со изработката на новиот модел за економски развој кој гарантираше раст од 5% до 7%, доколку се реализираше во целост. 
4.
На 31 јануари ќе продолжи континуираната соработка со Ректоратот на скопскиот Универзитет, а ќе ни се придружат и ректорите на уште неколку државни Универзитети. 
5.
Сите знаете дека оваа година ние претседаваме со Асоцијацијата на Балкански Комори (АБК). Агендата за активностите за оваа година е веќе готова, и ќе започне веќе овој месец со прес конференција на која ќе се најават активностите за првото тромесечие од оваа година, а се однесуваат на инфраструктурната поврзаност на Балканот која што ќе биде анализирана професионално и детално. СБ, ЕБРД и Европската транспортна заедница ќе бидат наши партнери во тој процес, со кои ќе оствариме средби во текот на февруари, а во март ќе организираме голем собир на 10 балкански лидери во една од земјите кои има најдобро инфраструктурно решение за бизнисот. 
 
6.
Посебна благодарност сакам да му изразиме на Сафет Ѓерѓалиу, поранешен претседател на Стопанската комора на Косово кој самоиницијативно без наше знаење дојде во Македонија и даде неколку интервјуа за медиумите на албански јазик во која зборуваше за реномето на нашата институција кога бевме неосновано нападнати.

 
 Значи „продолжуваме турбо“ исто како и последното тромесечие од минатата година во која преку една мала репортажа ќе дадеме ретроспектива на настаните. 
 
Традицијата на заедничко одбележување на родендените продолжи со сопственикот на ИГМ Трејд, Илија Гечев  а неизбежен декор беше и нашиот коморски знак на славеничката торта.
Во последното тромесечие од 2023 година имав многу јавни настапи со што интересот за работата на Комората порасна со огромен исчекор нанапред. Трендот ќе продолжи и оваа година. 
Овој месец премиерската позиција ќе ја напушти согласно пржинскиот договор и досегашниот премиер Димитар Ковачевски во чиј мандат имавме интензивни комуникации и контакти, но, и многу различни гледишта околу актуелните економски случувања. Можеби за прв пат се создаде атмосфера да може секој да го искаже своето мислење до крај, што е чекор напред во градењето на односите меѓу јавниот и приватниот сектор. 
Убаво е чувството кога со дел од коморскиот кадар, сега веќе пензионери (Белинда Миновска), со насмевка и ведрина може да се споделат моменти по долги години поминати заедничка соработка.
На крајот на минатата година, тешки дискусии се водеа и со министерот за економија Крешник Бектеши, но и во тоа имало моменти на опуштено однесување, заедно со директорите на Еуротабак и ЛИОН од Свети Николе.