Нaционална конференција за одржливи енергетски вештини во градежништвото во рамки на Проектот „Одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вредни (SEEtheSkills)”
25.09.2023
Националната конференција за одржливи енергетски вештини во градежништвото,се одржа на 25 септември 2023 година, во хотелот Александар Палас во Скопје, во рамки на проектот „Одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вредни (SEEtheSkills)”, www.seetheskills.eu , кој што се спроведува како дел од европската програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“ на темата „Стимулирање побарувачка за одржливи енергетски вештини во градежниот сектор“. Овој проект е дел од активностите на Европската комисија за „Градење иднина со ниско ниво на јаглерод и климатска отпорност“.
Конференцијата за одржливи енергетски вештини во градежништвото ја отвори Јадранка Аризанковска, проектен координатор од Стопанска комора на Северна Македонија која ги поздрави присутните и ја објасни важноста на Проектот која се заснова на идејата да се олесни патот кон поголема видливост и пристапност на енергетските вештини, со цел да се придонесе за спроведувањето на Зелената Агенда на ЕУ, со овозможување на одржливо градежништво.
Свое обраќање на конференцијата имаше Каја Шукова, министеркa за животна средина и просторно планирање, во посебна панел сесија на тема „Европско и национално заканодавство поврзано со Зелениот договор“ наменета за националните и европските политики, модерирана од страна на проф. д-р Христина Спасевска, од Факултетот за електротехника и информациски технологии-Универзитет „Св. Кирил и Методиј” од Скопје, на која говорници беа потпретседателката на Стопанската комора на Македонија и советник на претседателот на Комората за економски развој и инфраструктура, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска и претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на Здружението за енергетика при Комората, д-р Ристо Јаневски.
„Зелената Агенда за Западен Балкан е сериозна алатка и како држава се стремиме кон исполнување на незините 5-главни столба: Декарбонизација: климатска акција, зелена енергија и одржлив транспорт, Циркуларна економија, Борба против загадувањето, Одржливо производство на храна и одржливи рурални средини и Биодиверзитет: Заштита и реставрација на природата и екосистемите“ - посочи Шукова.
Посебен осврт Шукова даде на важноста на декарбонизацијатаи за Европа и за нас како држава која денес е географски дел од Европа, а утре и административно дел од Европската Унија. При тоа најави дека се работи на Законот за климатска акција, што е во процес пред внесување во Собранието на Република Северна Македонија, и се очекува во скоро време да биде донесен, а се изработува во тесно партнерство со приватниот сектор кој на денешната конференција во своите изјави покажа дека е подготвен за обврските што произлегуваат од него. Ја спомена и циркуларната економија како важна алатка што ќе помогне како држава да ги намалиме количините на отпад коишто ги депонираме.
Градежништвото како сектор има значаен удел во компонентите на Зелениот договор, во кој како посебна акција е предвидено „Реновирање на зградите кон позелен начин на живот“, што ќе обезбеди заштеда на енергија, ќе ги заштити корисниците од екстремните временски услови кои стануваат секојдневие и ќе се справи со енергетската сиромаштија. Главната компонента во зацртаната стапка на реновирање (и на приватните домови и на јавните објекти) се однесува на високо промовирана употреба на обновливи извори.
Притоа, една од целите на Зелениот договор е амбициозната стапка од 49% до 2030 година, за интегрирање на обновливите извори на енергија во градбите, а дополнително поддржана со барањето за зголемена употреба на обновливите извори на енергија во греење и ладење за +1,1% секоја година, до 2030 година. Овие дефинирани цели се исто така инкорпорирани во планираните европски политики за градежниот сектор познати како New European Bauhaus, поставени од ЕК во 2021 година како бројни политички активности и можности за финансирање, за да се забрза трансформацијата на градежниот сектор кон циркуларност и одржливост, со цел намалување на јаглеродните емисии.
Во однос на фактот дека во светот сè повеќе се зборува за постигнувањето на целите за одржлив развој и “Зелениот договор” дека е потребна дигитализација во сите сегменти на општеството (стопанството, админстрацијата, образованието и сл.) и како тоа во една мала држава како нашата може да се направи, Јелисавета Георгиева-Јовевска го истакна следното:
“Точно така, потребна е дигитализација во сите сфери на општеството, преку системски и усогласен пристап. Потребна е синхронизација на сите чинители со цел постигнување резултати на среден рок. Македонија нема време за чекање, кризите како онаа со корона ни покажа дека можеме бргу да се прилагодиме кон промените (посебно тоа го покажаа компаниите кои навистина брзо се прилагодија) но и тоа дека ни е потребна системска стратегија а не “ад хок” решенија. Георгиева-Јовевска истакна дека Стопанската комора на Северна Македонија смета дека инвестициите во дигитализацијата на услугите како и во технолошкиот развој се предуслов за развој и економски раст на земјата во следните години. Не е доволно да се направи дигитализација во еден сегмент (на пример само во образованието, здравството или само во приватниот сектор), туку потребна ни е Национална стратегија со точно дефинирани рокови и спроведување на зацртаното без разлика на политичката гарнитура на власт".
“Минатата година е формиран Националниот совет за дигитална трансформација на општеството со кој раководи потпретседателката на Владата за политики за добро владеење и неговата цел е планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите како и ефикасно справување со предизвиците што таа ги носи. Исто така Владата на Република Северна Македонија го усвои Планот за забрзан економски раст 2022-2026 година со кој ќе бидат поддржани инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе овозможат подобрување на економската конкурентност и подобрување на квалитетот на животот, а главен фокус се неколку приоритетни области како што се: зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија. Затоа, како Стопанска комора на Северна Македонија потребна ни е предвидлива регулатива, постигнување консензус околу приоритетите на државата со цел постигнување на економски напредок односно видливи резултати во блиска иднина. Потребен ни е кадар кој одговара на потребите на стопанството. Со тоа ќе добиеме поконкурентна економија, преку дигитализраните системи ќе се создадат процеси во кои корупцијата би дошла на минимум, ќе го задржиме највредното нешто во една земја а тоа е човечкиот капитал со што би дошле до израз вештините, знаењето и професионализмот”, заврши на панелот Георгиева-Јовевска.
Со оглед на тоа што проекот „Одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вредни (SEEtheSkills)”, како клучна цел ги има токму развојот и промовирањето на вештини на грдежните професионалци кои ја овозможуваат транзицијата на секторот кон поголема циркуларност, одржливост и дејствување кон европските цели на Зелениот договор, на конференцијата се даде осврт и на постигнатите резултати во оваа насока.
На една од сесиите беа презентирани клучните наоди и заклучоци за улогата на енергетските вештини, кои го одредуваат статусот на енергетските вештини, утврдени преку низа активности спроведени во претходните две години од реализацијата на проектот. Модератор на оваа панел дискусија беше Ристо Иванов, од „Креација“, Македонија, на која говорници беа Лука Анџелино, проектен советник од Европската комисија/ЦИНЕА, кој се осврна за улогата на енергетските вештини во европските политики околу Зелениот договор, проф. Томо Церовшек, од Универзитет во Љубљана, Словенија, кој го објасни истражувањето направено од нивна страна за состојбата на енергетските вештини за одржливо градежништво, проф. Јан Ердељи, од Словачкиот технички универзитет во Братислава, Словачка кој даде извештај од кампањата за прибирање на идеи од сопственици на домови на тема „Прашај ги станарите“, Грегор Фицко, од Стопанската комора на Словенија, Словенија кој даде насоки за изготвување национални ’микро-патокази’ за промени во законодавството за да се зголеми побарувачката на енергетски вештини и Зоран Олумчев, од Здружението за градежништво, при Стопанската комора на Северна Македонија кој посочи кои неопходни промени се потребни во законодавството за да се стимулира побарувачката на енергетски ефикасно градежништво.
Особено беа нагласени препораките кои проектот ќе ги поднесе до релевантните институции, во форма на национални ’микро-патокази’ за промени во законодавството со цел зголемување на побарувачката на енергетските вештини.
Со цел да даде свој придонес во поттикнувањето на вредноста на квалификуваниот кадар, проектот има развиено единствена дигитална платформа за пристап до сите информации поврзани со енергетските вештини, што беше презентирано на последната сесија, со главен проектен резултат да се подготви Интегриран регистар на енергетски вештини во рамки на 5 држави Холандија, Македонија, Словачка, Словенија и Шпанија. Модератор на оваа панел дискусија беше проф. Лихнида Стојановска-Георгиевска, од Факултетот за електротехника и информациски технологии-Универзитет „Св. Кирил и Методиј” од Скопје, на која говорници беа Игнаси Перез Арнал, од „БИМ Академија“, Шпанија кој говореше за „Платформа за е-учење во интегрираниот регистар на SEEtheSkills проектот“, проф. Томас Фунтик, Словачки технички универзитет во Братислава, Словачка посочувајќи ги БИМ-алатки за изразување на вредноста на енергетските вештини и Игор Панчевски, виш консултант за енергетика од „Креација“, Македонија кој објасни за новата алатка за евалуација на градба во користење (ПОЕ) за сопственици на домови, која е поврзана со стручните работници.
Од особено значење за успешноста на денешната конференција е присуството на релевантните чинители во секторот на градежништвото и во енергетскио сектор, компаниите и работодавачите, професионалните здруженија и коморите, како и одговорните министерства и институции кои се надлежни за овозможување на спроведување на предложените мерки.
Проектот SEEtheSkills е ставен пред предизвикот за градење на енергетски ефикасни згради, нови и реновирање на постојни згради и кон дејствување на пазарот на труд, со цел да се стимулира побарувачката за енергетски вештини, односно да се зголеми барањето и вредноста на обучени и компетентни професионалци во градежниот сектор.
Проектниот конзорциум вклучува 10 партнери од 5 земји: Холандија, Македонија, Словачка, Словенија и Шпанија, а спроведувањето го предводи Стопанската комора на Северна Македонија како проектен координатор.