„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Регионалната соработка – клуч за глобален успех

02.06.2025

Македонски компании дел од Регионалната конференција и мини саемот за Category Management

 Во организација на агенцијата „Топком“ од Сараево, а во соработка со бизнис-академијата „Адриатик“ и со поддршка од Институтот за извоз при Стопанската комора на Северна Македонија, во Сараево на 29 мај 2025 година се одржа Регионала конференција и мини саем за Category Management, која собра повеќе од 200 експерти и професионалци од областа на малопродажбата, маркетингот и управувањето со категории.

Настанот на едно место ги собра најуспешните компании од секторите трговија, производство и дистрибуција од Македонија, Србија, од Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Хрватска, во насока на продлабочување на можностите за соработка и изнаоѓање нови партнери во регионот.

На настанот свое обраќање имаше и Ахмет Ерглиќ, претседател на Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, кој ја истакна важноста на регионалната соработка и на заложбите на Комората за поддршка на иницијативите кои водат до поголема економска поврзаност на регионот.

На Конференцијата учесниците имаа можност да проследат неколку едукативни сесии од реномирани регионални експерти:

·        проф. д-р Зоран Богетиќ (Економски факултет – Белград): „Category Management – концепт, стратегија и организација“;

·        м-р Саша Марјановиќ (Omega Consulting Team): „Shopper marketing и техники за зголемување на продажбата“;

·        Семир Дедиќ (Techforge Labs): „Дигитализација на комуникацијата со потрошувачи и вработени“;

·        Миљан Димитријевиќ (Adriatic Business Academy): „Мерење на резултатите и на клучните показатели на успехот (KPI)“;

·        д-р Марија Ловриќ (Bicro Biocentar): „Од лабораторија до пазар – развој на производите во прехранбената индустрија“;

·        Саша Селаковиќ и Василије Жуниќ (бренд-експерти): „Што значи навистина брендот – односот меѓу трговските и глобалните брендови“.

Во рамките на Конференцијата беше организиран и мини саем, кој овозможи вмрежување, размена на искуства и претставување на компаниите со нивните производи, технологии и пристапи во малопродажбата и менаџментот на категории.

Македонските извозно ориентирани компании „Витаминка“ АД Прилеп и „Luthman Backlund Foods Production“ ДОО Битола, како претставнци на прехранбениот сектор, беа дел од компаниите кои на изложбениот простор имаа можност да ги претстават своите производи и пред потенцијалните партнери, претставници на малопродажните синџири и дистрибутери, на кој се претставија и други регионални брендови: Smoki, Nescafe, Dolce Vita, Sante, Proteini.si, Nutrino, Grečka Slavuj, Patelina i Diblong Bingo, Violeta, Konzum, Tropik, Crvena jabuka, Đurić, Bosnalijek, Kort Marketi, Podravka, Onogošt, Planet и Ataco.

Институтот за извоз, како нова алатка на Стопанската комора на Северна Македонија, преку едукативни програми, аналитички пристап и преку активности за извозна промоција има цел да го поттикне извозот на македонските компании со идентификација на нови пазари и со зајакнување на нивното присуство на постојните регионални и традиционални пазари со висок потенцијал за раст.