„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
30.01.2023
Градежниот сектор преживеа една од најтешките години, а негативните последици од мулти кризата се одразија врз работењето на градежните компании и врз вработените во секторот. Бројот на вработени во секторот се намали под 50.000 лица и во третиот квартал од 2022 година во однос на третиот квартал од 2021 година регистрираше пад од 22,1%.
Сепак, недостигот од квалификувана работна сила и натаму е проблем за градежните компании, иако можеби со различен интензитет од почетокот на пандемијата. Обезбедувањето на квалитетни работници е едно од прашањата кои се од приоритетно значење, а компаниите ценат дека за негово решавање е потребен системски пристап. „Подобрувањето на регулативата од областа на работните односи, олеснувањето на административните процедури за влез и работа на странци, како и унапредувањето на соработката помеѓу реалниот сектор и образовните установи во насока на зголемување на атрактивноста на градежната струка за младите лица се дел од сегментите во однос на кои треба системски да се пристапи и да се делува“ - беше оценето на средбата.
Поради тоа, градежните компании активно ја анализираат предложената работна верзија на новиот закон за работни односи и веќе доставија свои конструктивни предлози и коментари по истата, а Здружението во следниот период ќе иницира и средба со Министерството за труд и социјална политика со цел дискутирање на погоре наведените прашања.
Потврда за незавидната состојба во градежништвото се и статистичките податоци за Бруто домашниот производ, каде согласно волуменските индекси во третиот квартал од 2022 година во однос на третиот квартал од 2021 година има пад од 9,1 %. Сценариото, имајќи ги предвид овие податоци не е оптимистичко со оглед дека следи зимски период каде градежната активност е и онака намалена поради временските услови. Со цел да се отвори дискусија за тековните проблеми во градежната индустрија, планираните активности на ресорното министерство за оваа година, инвестициите во областа на високоградбата и инфраструктурата, реализацијата и администрирањето на отпочнатите капитални проекти, како и за преземените активности од страна на надлежните институции во однос на досега покренатите иницијативи на бизнис заедницата, веднаш по седницата беше иницирана и работна средба со министерот за транспорт и врски.
На седницата беше усвоен и Извештајот за активности за 2022 година, како и Планот за работа за 2023 година на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, а на компаниите им беше презентиран и новиот проект DIG-IN-KPI имплементиран од Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанската комора на Хрватска и Трговската и индустриска комора на Словенија кој има за цел утврдување на заедничките индикатори за обемот и нивото на дигитализација на градежните компании, градење на капацитетите на здруженијата за градежништво при коморите партнери во проектот и поттикнување на дигиталната трансформација во градежништвото согласно со технолошките трендови на Градежништво 4.0.