„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од асоцијациите

НАЈАВА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ВТОРА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПРОМОЦИЈА НА БЕНЕФИТИТЕ ОД КОРИСТЕЊЕТО НА МЕДИЈАЦИЈАТА

11.08.2023

Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Северна Македонија, Националниот совет за медијација-Владино тело и Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ) - дел од Групацијата на Светска Банка, на 18 октомври 2023 година (среда) во Стопанската комора на Северна Македонијa во Скопје со почеток од 10.00 часот ќе бидат организатори на ВТОРАТА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: ПРОМОЦИЈА НА МЕДИЈАЦИЈАТА СО ЦЕЛ ИСКОРИСТУВАЊЕ НА НЕЈЗИНИТЕ ПРЕДНОСТИ.
На оваа конференција како говорници поканетети се највисоки претставници од домашни државни институции, амбасадори, меѓународни институции од земјава како и многу гости-говорници од Асоцијациите за медијација при стопанските комори од регионот. На конференцијата ќе се говори за постигнувањата и користењето на медијацијата секој од својата земја како и за чекорите кои треба секој поединечно како институција но и преку синергија и регионални поврзувања како оваа конференција да ги направи во насока на поголемо афирмирање и презентирање на медијацијата, бидејќи користењето на медијацијата има само предности, нема ниеден недостаток.
За потребите и на оваа Регионална конференција за промоција на медијацијата, од страна на Стопанска комора на Макеоднија, Националниот освет за медијација и Меѓународната Финансиска Корпорација, како домаќини на конференцијата, ќе биде подготвено и испечатено, посебно издание БРОШУРА на македонски и англиски јазик.
Наскоро ќе биде објавена Агендата за регионалната конференција, а поради големиот интерес за присуство на конференцијата бројот на учесници е ограничен и задолжително е пријавување со пополнување на Пријавен лист (кој дополнително ќе биде прикачен).
За повеќе информации во врска со овој настан лице за контакт е д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, тел.070/234-273, e-mail:jelisaveta@mchamber.mk.
Како потсетување, први во нашата држава, Стопанската комора на Македонија во заедничко партнерство и со поддршка на ДИХК – ЦЕФТА Проектот (Асоцијација на трговско-индустриските комори на Германија и ЦЕФТА-коморите) на 26.4.2017 година, беа организатори и домаќини на Регионалната конференција на тема: „Медијацијата како  ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови“, со цел подигнување на јавната свест за мирно решавање на споровите со помош на алтернативни начини на решавање на споровите како што е медијацијата. На истата имаше над 20 говорници од департментите за медијација при стопанските комори од регионот кои го споделија своето искуство од користењето на медијацијата и кои пред повеќе од 100 учесници презентираа за бенефитите од користењето на медијацијата. Тогаш направивме добар придонес во промоција и популаризација на медијацијата и многу компании но и други заинтересирани страни од тогаш па навака активно користат медијација при решавањето на некој свој спор.
На првата регионална конференција, актуелните случувања и искуства од областа на медијацијата во земјите членки на Европската Унија,  ги споделија амбасадорот Н.Е. д-р Кристине Д. Алтхаузер на Сојузна Република Германија во Република Македонија и Н.Е. Воутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија. На конференцијата учество земаа високи претставници од Асоцијациите за медијација при Стопанските комори од регионот односно од Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина  како и од Молдавија и Турција. Како сублимат од Регионалната конференција и како прирачник за поголема промоција на медијацијата со апострофирање на позитивни примери од праксата кои се решени по пат на медијацијата, Стопанската комора на Македонија издаде Брошура на македонски и на англиски јазик која се промовираше на самиот настан.
И после одржување на конференцијата, Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) при Стопанската комора на Северна Македонија е една од најактивните институции во државава која прави промоција на медијацијата. АПМ во периодот од 2016-2022 година одржа над 50 бесплатни настани, со учество на повеќе од 1500 претставници од компании и од други заинтересирани страни, на кои се презентираат бенефитите од користењето на медијацијата. Организираме бесплатни семинари, конференции, обуки, состаноци и други активности за промовирање на медијацијата како најефикасен алтернативен начин за решавање на споровите. Со таа цел за поголема афирмација и поддршка на медијацијата беше и формирана АПМ на 16.7.2016 година во рамките на Стопанската комора на Македонија. Печатиме брошури, правиме презентации, правиме интервјуа и со поддршка на медиумите информираме, одржуваме семинари, настани и правиме други слични активности за промоција со што се надеваме дека допираме до сите кои можат да бидат учесници во постапка за медијација, бидејќи од истата сите можат да имаат само корист.
Во меѓувреме, односно во 2022 година и согласно новиот Закон за медијација беше формирано ново тело-Национален совет за медијација кој се грижи за квалитетот на работите на медијацијата и медијаторите. Од кога е конституиран Националниот совет за медијација од септември 2022 година до денес истиот има одржано 25 седници и е во постојано заседание и работа а, заедно со Стопанската комора на Северна Македонија и Меѓународната Финансиска Корпорација за целиот изминат период има одржано неколку настани за промоција на медијацијата пред сите заинтересирани страни. Така, во рамките на првиот циклус предавања кои беа одржани на 17,18 и 22 ноември 2022 година во Скопје, Штип и Струмица, како и во рамките на вториот циклус предавања одржани на 25, 26 и 27 април 2023 година, одржавме бесплатни предавања за афирмација на медијацијата пред повеќе од 120 заинтересирани страни. На предавањата беше промовирана и дистрибуирана и Бошурата за медијација-второ издание, испечатена со поддршка на ИФЦ. Предавачи на предавањата беа домашни и странски експерти за медијација кои ги покриваат сите области за медијација.
Сега, во октомври 2023 година, организатори сме на Втората регионална конференција за медијација. Правиме чекори за конечно медијацијата да го добие своето заслужено место. Можеби и сме единствените во државава кои од ваков вид и обем прават постојана промоција на медијацијата, соработуваат со домашни и странски институции и постојано зборуваат за медијацијата, но затоа и постоиме да работиме токму во тој правец, бидејќи од она што медијацијата го пружа како поволност произлегува дека најдобро е таа да се користи не само тогаш кога ќе настане некој проблем туку пред тоа, доброволно и договорно.