„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
26.01.2023
Дванаесет студенти на Економскиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје добија стипендии од 10 осигурителни компании. Иницијативата за отпочнување на соработка за доделување стипендии на студенти со висок просек, посетување на пракса и можност за вработување во осигурителните компании произлезе од меморандумот за соработка склучен на денот на осигурувањето чиј иницијатор беше Агенцијата за супервизија на осигурување.
По тој повод денеска директори и членови на управните одбори на десет осигурителни компании ги доделија договорите за стипендии на овие студенти запишани во четврта година на Економскиот факултет при УКИМ. По двајца студенти со просечна оценка еднаква или повисока од 9 ќе стипендираат „Кроација осигурување – неживот“ и „Кроација осигурување“. По еден студент, со просек еднаков или повисок од 9, ќе стипендираат друштвата: „Еуролинк“, „Триглав осигурување“, „Сава осигурување“, „Граве“, „Триглав осигурување живот“, „Еуроинс осигурување“, Граве неживот“ и „Халк осигурување“.
На свеченоста организирана по тој повод на Економскиот факултет денеска пред присутните се обратија проф.д-р Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет, проф.д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО, а во име на осигурителните дрштва се обрати Ѓорѓе Војновиќ, претседател на еснафското здружение на осигурители при Стопанската комора и директор на „Триглав осигурување“. Пред присутните се обрати и Александар Николовски, претседател на факултетското студентско собрание.
Во својот поздравен говор деканот Трпески се заблагодари на АСО како иницијатор и на компаниите кои стипендираат нивни студенти и истакна:
- Ова е успешен почеток на една плодна соработка која ќе значи приближување на осигурителната индустрија и високообразовниот процес. Стипендиите значат многу за студентскиот стандард, но уште поголемо е значењето на шансата што студентите ја добиваат во отворената соработка со осигурителната индустрија.
Студентите од осигурителните компании ќе добијат стипендија од 1.000 евра во денарска противвредност, можност за практична обука во компанијата, а опција е и вработување.
На првата генерација стипендисти на осигурителните компании Војновиќ им кажа: -Мотивирање и поддршка на младите во сите сфери на образовниот систем, а особено во високото образование, е исклучително важно за понатамошниот развој на динамично општество. Едукацијата треба да придонесе кон креирање лидери, кои ќе умеат да се справат со предизвиците, со леснотија ќе се приспособуваат на брзите промени и ќе креираат услови за позитивен развој. Затоа, ние во осигурителната индустрија, продолжуваме да вложуваме напори да ги поддржуваме и да инвестираме во младите лидери, со цел, да ја подигнеме јавната свест и да ја подобриме перцепцијата за придобивките од осигурувањето.
Пред присутните се обрати и студентот Николовски кој во име на студентите се заблагодари на укажаната шанса и додаде: Стипендирањето на студентите претставува дополнителен мотив за унапредување на знаењата, чуство на препознатливост и момент кој може полесно да го одреди кариерниот пат на студентот. Оваа соработка е пример за стимулирање на успехот во образовниот процес и подобрување на кариерните можности во финансискиот сектор
Претседателот на АСО, Шајноски во своето обраќање на студентите им порача:
- Овде не сте само за стипендијата. Тоа е моментално материјално добро. Пред вас ќе се отворат вратите на финансиски здрави и конкурентни осигурителни компании во кои ќе можете практично да научите што е осигурување, како функционира, како се процесираат штетите, како се креираат нови осигурителни производи. Можете многу да научите од овие успешни менаџери и менаџерки и од тимовите со кои тие раководат. Да почувствувате како се заработува денарот на отворен пазар, како да да се натпреварувате во конкурентни услови за да станете подобри и поуспешни.