„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од асоцијациите

ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈА

25.01.2023

Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при Стопанската комора на Северна Македонија одржа седница на ден 24.1.2023. На седницата која ја водеше проф. д-р Кочо Анѓушев, претседател на МЕА и заменик-претседател на Комората, согласно усвоениот дневен ред, како и дополнителните точки кои беа покренати од претставниците на компаниите-членки на МЕА се разговараше за енергетската криза, а поконкретно за количините на резервите на природен гас во Европа, цената на електрична енергија на слободниот пазар и непредвидливоста на нејзиното движење во следниот период, како и потребата од инсталирање на батериски системи кои ќе складираат енергија во услови на високо произодство од обновливите извори на енергија за нивно идно користење во услови на зголемена потрошувачка на електрична енергија.

По гореспоменатите точки беше развиена конструктивна дискусија и беа разгледани реалните проблеми со кои се соочуваат компаниите во нивната работа, како и новите предизвици кои ги носат енергетската криза и енергетската транзиција на која подлежи нашата земја.

Несомнен е фактот дека енергетската криза е далеку од завршена и дека поволните временски услови само го ублажија влијанието и дадоа временски простор за изнаоѓање решенија за справување со истата.

Од седницата на МЕА произлегоа конкретни предлог-мерки за справување со енергетската криза кои следниот период ќе бидат приоритет во работењето на Асоцијацијата и истите ќе бидат презентирани пред институциите со цел нивно имплементирање, што Асоцијацијата верува ќе приодонесе за спас на домашната економија.

Како механизам за справување со кризата, во последниот период особено беше актуелно инвестирањето во обновливи извори на енергија. Меѓутоа, инсталирањето на голем број обновливи извори на енергија како начин на обезбедување на дополнително производство ја наметнува потребата од соодветно менаџирање со произведената енергија. Складирањето на електричната енергија за идно користење согласно потребите на конзумот, било дали истиот е потрошувач во облик на индустриски капацитет или конзум на ниво на мрежа е неопходен чекор за разумно управување со производството од обновливи извори на енергија. Токму затоа МЕА покренува и иницијатива за овозможување на инсталација на батериски системи, како и дефинирање на процесот за имплементирање на истите.

Во следниот период, МЕА продолжува да работи на анализа на енергетската состојба, увидување на проблемите, како и изнаоѓање мерки и решенија за справување со предизвиците кои претстојат.