Претставниците на домашните синџири на маркети трговци со прехранбени производи на мало ја поздравија владината одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврската на трговците да прибавуваат и да им продаваат на потрошувачите определени видови и количества од одделни стоки (Сл. весник бр. 42-3066/3 од 21.3.2023 година), истакнувајќи дека, со заеднички напори на Владата на РСМ и на Министерството за економија, учествуваат во примената на мерките за намалување на енергетската криза и за ублажување на порастот на цените.
Но, поврзано со објавите во повеќето електронски медиуми за изречените парични и кривични казни за непочитување на владината одлука за замрзнување на цените на одредени видови овошје и зеленчук, компаниите информираат дека од Пазарниот инспекторат биле извршени контроли во повеќето маркети во изминатите неколку денови. Информацијата дека се изречени прекршочни казни е точна, а казните се изречени од причина што во маркетите немало количини или, пак, воопшто немало одредени видови овошје и зеленчук опфатени со мерките на Владата.
Откако министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека повеќе трговци ќе бидат санкционирани поради непочитување на одлуката за замрзнати цени, повеќето домашни синџири на маркети се јавија со појаснување дека до маркетите немало доставено количини или немало воопшто од овошјето и од зеленчукот кои се опфатени со мерките на Владата.
И покрај сите направени напори од нив, нарачки и контакти со добавувачи, маркетите не успеаја да ги обезбедат потребните количини на овошје и на зеленчук пропишани со одлуката на Владата, па тие не се достапни на пазарот по оние цени по кои е наложено да се набавуваат и да се продаваат. Претставниците на синџирите на маркети, со најдобра намера за да им излезат во пресрет на своите потрошувачи, а истовремено и за да ги исполнат одлуките на Владата, НЕ СЕ ВО МОЖНОСТ ДА ПРОДАВААТ ПРОИЗВОДИ ДОКОЛКУ ДОБАВУВАЧОТ НЕ ИМ ГИ ДИСТРИБУИРА. Оттука, трговците на мало со прехранбени производи упатуваат апел до сите надлежни институции да не ги оптоваруваат компаниите со казнени мерки кои ќе имаат финансиски последици врз нив во овие тешки моменти за стопанството.