По одлуката на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија за основање, се одржа конститутивна седница на која се формираше Националната асоцијација на туроператори и туристички агенции на Република Северна Македонија – НАТТА на која се избраа органите и формите на делување.
На седницата согласно Правилата за работа на Асоцијацијата, усвоен е предлогот за членови на Управен одбор во состав (Асим Меџедовиќ, туристичка агенција “Фибула“, д-р. Кристијан Џамбазовски од туристичка агенција “Бохемија” и хотел “Амбасадор“, Александар Кузманоски, туристичка агенција “Симониум травел“, Тихомир Пиневски туристичка агенција „Пине Холидејс“, Ана Таневска Ѓорѓиевска, „Македонијатурист“ АД Скопје), со мандат од 4 години. Од составот на Управниот одбор за претседател на НАТТА беше избран Асим Меџедовиќ, а за потпретседател на НАТТА д-р. Кристијан Џамбазовски.
Претседателот на Управниот одбор ќе управува со активностите на Управниот одбор и ќе ја претставува Асоцијацијата пред државните институции, советодавните и стручните совети, другите национални и меѓународни организации.
На конститутивната седница беа формирани четири стручни работни одбори за кои беа избрани претседавачи и тоа: одбор за рециптивен (outgoing) туризам со кој ќе раководи Асим Меџедовиќ од туристичка агенција “Фибула“, одбор за иницијативен (incoming) туризам за кој е одговорен Александар Кузмановски од туристичка агенција “Симониум травел“, одбор за конгресен (mice) туризам под коориднација на Ана Таневска Ѓорѓиевска од “Македонијатурист” АД Скопје, и одбор за сообраќај, младински туризам и екскурзии со кој ќе раководи Тихомир Пиневски од туристичка агенција “Пине Холидејс”. Со ова конечно туристичките агенции ќе се стекнат со адреса за обраќање каде ќе добијат соодветна поддршка од високопрофесионална и активна членска мрежа на туристички агенции, која ќе работи на принципот на лојална конкуренција со цел за континуирано подобрување на условите за работа во туристичката и агентска дејност како и подигање на стандардот на услугите и зголемување на конкурентноста на дестинацијата на меѓународниот пазар на туризмот.
Основањето на Национална асоцијација ќе допринесе за организирано дејствување преку редовни годишни состаноци на кои ќе се дебатира за тековни прашања и ќе се креираат долгорочни политики и стратегии со што ќе се постави како најавторитетна професионална структура, претставник на македонските агенции и туроператори која ќе заземе активно учество во меѓународните асоцијации од овој тип.
Во услови на препознавање на туризмот како брзо растечка дејност, но и дејност која во нормални услови (пред корона кризата и последните случување во светската економија), може да обезбеди брз раст и значаен придонес во домашната економија, како и фактот што дејноста врзува раст на други 15 дејности истовремено, во услови на зголемен број на туроператори и туристички агенции кои работат а кои се многу силно погодени по кризата со корона вирусот, се наметнува потребата од асоцијативно делување на компаниите од дејноста на туристички агенции и туроператори.
Мисијата на НАТТА е да помогне во создавање на потребните услови за развој на модерна, конкурентна, општествено одговорна и одржлива туристичка индустрија, поставена на професионална основа во која членките ќе ги уживаат придобивките од членството преку компетентна и практична помош при решавање на проблеми од дејноста и добивање соодветна заштита на нивните интереси пред, владата и другите институции. Ова пред се поради фактот што и во рамки на КИФ, се поинтензивно се работи на дефинирање заеднички туристички активности, тури, настани, што ќе овозможи здружено претставување и заштита на интересите и правата на компаниите од туроператорска и агенциска дејност пред институциите и Владата. Конституирањето на НАТТА ќе овозможи соработка со меѓународни асоцијации, чекор со меѓународните трендови и технологии во дејноста, рамноправен и конкурентен однос спрема компаниите од соседството и европските држави и зголемено присуство на македонските туристички агенции на меѓународниот пазар на туризмот.
Инаку Меџедовиќ и Џамбазовски како претседател и потпретседател на НАТТА се и членови во Националниот совет за извоз формиран во Комората со кој председава претседателот на СКСМ Бранко Азески, кој ќе биде главен механизам за јавно-приватен дијалог каде ќе се третираат сите прашања поврзани со промоција и поддршка на извозот, а во кој членуваат и претставници на Владата, владини институции и тела, органи на државната управа кои имаат надлежности и вршат активности поврзани со извозот и претставници од различни извозно ориентирани сектори /компаниите. Ова може, но не мора да биде во овој текст.
Воедно формирањето на Националната асоцијација конечно дава можност на сите туристички агенции да се обратат на адреса каде дејноста добива заслужен третман.