Стопанската комора на Северна Македонија на 26.04.2023 година во Скопје, во Комората, го реализираше второто бесплатно предавање (од новиот циклус на едукации) за компаниите за поголема популаризација и афирмација на предностите од користењето на медијацијата во нашата држава.
Во Скопје, предавањето на Стопанската комора на Северна Македонија и на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) на тема: “Рани знаци на предупредување за настанување на инсолвентност и користење на медијацијата во решавање на стопанските спорови”, се одржа пред 20-тина присутни.
Од овој циклус бесплатни предавања за бизнис заедницата до сега се реализираше едно во Кичево на 25-ти април а ќе се реализира и во Битола на 27-ми април 2023 година.
На предавањето, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанска комора на Северна Македонија (СКСМ) и Национален кооринатор за медијација говореше за можноста за вклучување на медијацијата која им се нуди на располагање на фирмите за брзо и ефикасно решавање на одреден спор.
Таа истакна дека Стопанската комора на Северна Македонија години наназад организира низа настани и активности со цел поголема популаризација и афирмација на предностите од користењето на медијацијата во нашата држава. Во услови на нарушена ликвидност на компаниите, а со цел рационализација на нивните трошоци, зачувување на добрите деловни односи со партнерите и поголема предвидливост на настаните во следниот период, како најповолна алатка за решавање на сегашен или иден спор на компаниите, особено се препорачува користењето на медијацијата. Како Национален координато за медијација, Георгиева Јовевска подвлече дека улога и на Националниот совет за медијација е преку следење на работите на квалитетот на медијацијата да се промовира истата и да се искористат сите нејзини бенефити за инволвираните страни.
Медијацијата кај нас датира уште од 2006-та година и до сега законски има неколку измени со цел подобрување на регулативата и тоа во 2013, 2015, 2016 и последно во 2021 година кога се носи нов Закон за медијација во РСМ (кој е во сила од 04.1.2022 година („Службен весник на Република С. Македонија“, бр. 294/2021). Тој има за цел приближување на земјата кон Европската Унија, која, пак, во ситуација на разрешување конфликтни и спорни ситуации, акцентот го става врз алтернативното решавање на споровите и врз медијацијата како еден од нив. Во Законот се разработени начелата на медијацијата, како што е начелото за доброволност на медијацијата, но и начелата за рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост, за достапноста на информациите од медијацијата во другите постапки, еднаквост на страните, правичност, ефикасност и за економичност. Со решенијата што ги нуди овој закон, сите засегнати страни, настојуваат да помогнат во зајакнување на медијацијата во нашата држава за да истата го добие заслуженото место, а од друга страна, посебно, да се зајакне правната сигурност на корисниците на медијацијата, со што ќе се овозможи на многу побрз и сигурен начин да се остварат нивните права и интереси.
На предавањето Дејан Костовски, правен консултант во проектот на Меѓународна Финансиска Корпорација, групација на Светска Банка – „ Решавање на долгови и деловен излез во Република Северна Македонија“ говореше за новите постапки предвидени со предлог Законот за инсолвентност во насока на новите можности за фирмите за изнаоѓање на излез и решавање на проблемите произлезени од економската криза предизвикана од мулти кризата. Во контекст на предлог законот за инсолвентност беа преставени двете постапки кои имаат за цел да им помогнат на претприемачите навремено да пристапат кон разрешување на идните финансиски потешкотии кои долгорочно можат да предизвикаат инсолвентност. Тоа се постапката за превентивно преструктуирање и предстечајна реорганизација.
Костовски ги презентираше и „Раните знаци на предупредување за настанување на инсолвентност на друштвата“.Целта на воведување на системот за рано предупредување е овозможување на должниците на кои им престојат финансиски потешкотии истите рано да ги препознаат и навремено да преземат мерки за спроведување на постапка заради надминување на идната инсолвентност. Тој подвлече дека со предлог законот се нормира систем за рано предупредување кој се состои од два дела. Првиот дел од системот на рано предупредување е поврзан со зајакнувањето на капацитетите на органите на управување во делот на навременото или многу рано препознавање на финансиските потешкотии што би требало да доведе до тоа трговското друштво да се спаси. Тоа пошироко гледано би влијаело значителен процент на бизнисите и работните места да се спасат. Вториот дел од системот на рано предупредување треба да биде насочен кон навремено предупредување на доверителите за тоа дека кај определени друштва постојат услови за настанување на финансиски потешкотии. Се работи за посебни алатки за рано предупредување кои треба да се воспостават за да се предупредат доверителите за итната потреба да делуваат имајќи предвид дека што порано преземат акција имаат повеќе шанси да ја максимизираат наплата на нивните побарувања од друштвата за кои постојат индиции дека се соочуваат со идна инсолвентност.
На ова предавање искуствата од користењето на медијацијата во Србија и регионот ги споделија м-р Милена Тадировиќ-експерт за медијација, директор на Центарот за конструктивно решавање на споровите од Србија која повеќе се осврна на медијацијата во стечај и искуствата кои Србија ги има на ова поле како и проф.д-р Мирослав Кнежевиќ, консултант на ИФЦ од Црна Гора кој говореше за користењето на медијацијата во регионот.
Сите заклучија дека медијацијата како ефикасна алатка за решавање на иден спор може да има само корист за оној што ја користи. Со медијацијата страните остануваа во добри деловни односи, медијацијата е брза, ефикасна и најефтина постапка, во медијацијата нема јавност, најголем број од успешно решените постапки за медијации се благодарение на одличните вештини на медијаторот за водење на спорот и се што се договараат страните во текот на постапката на целиот процес на медијација останува меѓу нив. Медијацијата може да има сила на извршна исправа доколку спогодбата се солемнизира на нотар.
Стопанската комора на Северна Македонија, за популаризација и афирмација на медијацијата, институционално во овие активности е поддржана од Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ – групација на Светска банка.
И на ова предавање беше промовирано второто издание на Брошурата за медијација поддржано од ИФЦ.