„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од асоцијациите

За одржлив развој на македонското рударство неопходни се стратегија и големи инвестиции

24.03.2023

Ивица Талевски, претседател на МАР, во интервју за Македонско радио

Неопходно е да се случи окрупнување на македонскиот рударски комплекс, како во поглед на концесиите, така и во делот на рударските компании, за дополнително да се динамизира  процесот на модернизација преку вложувања во најсовремени технологии и стандарди кои се гаранција за  натамошниот одржлив  развој на оваа витална гранка на македонската економија.
Ова е една од клучните поенти од интервјуто на претседателот на Македонската асоцијација на рударството (МАР), Ивица Талевски, искажани во рамки на емисијата „Актуелно“ на Македонско радио - Радио Скопје.
Зборувајќи за развојните потенцијали што ги има македонската рударска индустрија, Талевски посочи дека предуслов за активирање на овие потенцијали е изработка и имплементација на подолгорочна стратегија за развој на рударството во нашата земја.
„Во последно време можат да се забележат позитивни поместувања во овој процес. Имено, на иницијатива на Министерството за економија и преку соработка со останатите чинители, како што се МАНУ и Македонската асоцијација на рударството, започна процесот на изработка на ваквата стратегија која треба да ни ги даде генералните насоки за рударските потенцијали во нашата земја, како и за начините како тие треба да бидат активирани“, рече Талевски.
Околу интересот на инвеститорите, особено од странство, за вложување во домашната рударска индустрија, Талевски напомена дека во светот, вклучувајќи го и европскиот континент, во изминатите неколку години генерално е зголемен интересот за вложувања во овој сектор кои се поттикнати од зголемената побарувачка на минерални суровини за потребите на енергетската транзиција, но и генерално поради глобалните трендови и потребите за развој на современи технологии.   
„Податоците покажуваат дека постои јасен интерес за инвестирање во македонската рударска индустрија. Во изминатиот период, на пример, имало години кога вложувањата во домашното рударство достигнувале и повеќе од 30% од вкупниот годишен прилив на странски директни инвестиции во земјата“, потенцираше Талевски, нагласувајќи дека во наредниот период треба да се направат дополнителни напори од клучните чинители во државата за дооформување на процесот на издавање на концесиите за геолошки истражувања, по што би следувало и издавање на концесии за експлоатација на минералните суровини. Ваквото дооформување на овој процес би  бил охрабрувачки, особено за поголемите и поискусните инвеститори од странство да насочат дел од своите планирани вложувања и во нашата земја и така да го помогнат процесот на идниот одржлив развој на македонската рударска индустрија, дециден е Талевски.