„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПРЕКУ ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЦЕСИ ДО ЗГОЛЕМЕНА ПРОДУКТИВНОСТ ВО ГРАДЕЖНИТЕ ПРОЕКТИ

16.03.2023

Претставени индикатори за мерење на степен на дигитализација во градежниот сектор

Стопанската комора на Северна Македонија, продолжува со реализација на проектни активности кои се насочени кон поддршка на компаниите за зголемување на својата продуктивност и ефикасност преку имплементација на нови технологии во насока на градење на конкурентни компании кои се подготвени за работа во глобални услови. Еден од секторите кон кој е насочена Комората е и градежниот сектор и индустријата на градежни материјали, за кој преку проектното одделение на Комората се спроведуваат неколку активности во моментот.

Претставниците од градежниот сектор имаа прилика да се запознаат со активностите на проектот „Дигиталната трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот“, во рамки на кој коморите од Словенија, Хрватска и Северна Македонија заеднички развиваат индикатори кои ќе го мерат обемот и нивото на дигитализација на градежните компании и ќе поттикнуваат дигитална трансформација на градежништвото во согласност со технолошките трендови на Градежништво 4.0.

Секторот градежништво, се соочува со сериозни предизвици во доменот на дигитална трансформација и поради својата специфичност, заостанува зад останатите индустриски сектори кои порано ги увоија процесите на дигитализација и започнаа да се прилагодуваат кон истите. Ваквата пракса е присутна и на ниво на Европска Унија, што говори за комплексност и специфичност на самиот сектор, истакна м-р Михајло Донев, в.д. оперативен директор за развој иновации и знаење.

Во презентацијата тој го појасни пристапот на проектот кој е во функција на дефинирање на деловните процеси и изнаоѓање на соодветни технологии за дигитализација на истите. За таа цел беа дефинирани 64 индикатори во 11 категории кои се однесуваат за секој процес, колку повисок ќе биде степенот на дигитализација, зависи од тоа колку понапредна технологија ќе се применува. Во насока на усогласување на индикаторите кои ќе бидат искористени за изработка на онлајн апликација за самоевалуација на степенот на дигитализација, пред присутните се разви дискусија во насока на индентификување на индикатори кои ќе бидат мерливи и ќе соодвествуваат на целите на дигитализацијата во секторот.

Проектот е поддржан од страна на Европската комисија во рамки на Еразмус+ програмата и се очекува да испорача наоди и предлог сет индикатори за дигитализација, кои би им послужиле на градежните компании, образовните институции, но и на надлежните институции во процесот на издавање на градежни дозволи. Резултатите кои ќе се испорачаат во рамки на Проектот се се очекува да придонесат за зголемување на продуктивноста на градежниот сектор и подигнување на просечната додадена вредност по вработени во домашните градежни компании на нивото на просекот на Европската Унија.