„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
06.03.2023
Компанијата „Еуроникел индустри“ од Кавадарци како претставник на Стопанската комора учествуваше на регионалната конференција „Важни аспекти за квалитетот на практичната обука“, која се одржа на 3 март 2023 година во Белград, во рамките на проектот „Подобрување на квалитетот на образованието и обуката во Југоисточна Европа“, финансиран од Австриската агенција за развој.
Организатор на конференцијата беше Секретаријатот за образовни реформи во Југоисточна Европа (ЕРИ СЕЕ), водечки партнер на проектот чија цел е да придонесе за намалување на невработеноста кај младите во Југоисточна Европа преку обезбедување пазарно ориентирано стручно образование и обука и квалитетна реализација на практичната обука. Покрај ЕРИСЕЕ, во спроведувањето на проектот како стратешки партнери се вклучени и: Австриската агенција за образование и за интернационализација (ОеАД), Европската фондација за обука (ЕТФ), Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (КИФ ЗБ6), Меѓународната конференција на инспекторати (СИЦИ), стопанските комори, министерствата за образование, центрите за стручно образование и обука и агенциите за квалификации.
Регионалната конференција се фокусираше на неколку цели:
- идентификување на квалитетните аспекти на практичното учење што се реализира во стручните училишта и во компаниите, заради заедничко разбирање на предизвиците и на добрите практики во реализацијата на практичното учење;
- идентификување заеднички (регионални) области/аспекти за квалитетот во реализацијата на практичната обука;
- идентификување на главните актери и на нивната улога во реализацијата на практичната обука од аспект на осигурување на квалитетот;
- идентификување на постојните модели на следење на квалитетот на практичното учење во училиштата и во компаниите;
- идентификување идни активности во рамките на проектот врз основа на пренесените искуства од компаниите и од стручните училишта.
На регионалната конференција учествуваа претставници од стопанските комори, компании, стручни училишта, од центрите за стручно образование и обука, министерствата за образование и од телата за осигурување квалитет.
На конференцијата свое обраќање имаше и претставникот на „Еуроникел индустри“ од Кавадарци, Борка Петровска, менаџер за администрација, која го пренесе искуството во врска со вклученоста на компанијата во стручното образование и обука, со реализацијата на практичната обука и со улогата на Стопанската комора во процесот на стручно образование и обука.
Како компанија која се занимава со преработка на никелова руда од која се произведува висококвалитетен никел во форма на фероникел, има цел да регрутира и да ги задржи талентираните професионалци преку процесот на континуирано образование и унапредување и преку инвестирање во обука и во вештини на учениците и на возрасните.