„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Искрена благодарност за соработка на Комората и претседателот Азески, од тимот на УО на Стопанската комора на Швајцарија и Средна Европа (SEC)

18.11.2025

| Актуелно

Во писмено обраќање од тимот и Управниот одбор на Стопанската комора на Швајцарија и Средна Европа (СЕЦ) стои: „Би сакале да ја изразиме нашата искрена благодарност за вашата соработка и непроценлив придонес за иницијативата ‘Поврзување на Швајцарија и Северна Македонија: Деловен раст и партнерства’. Ова беше првата иницијатива на СЕЦ организирана надвор од Швајцарија, а нејзиниот успех не би бил можен без вашата поддршка, ангажман и соработка“.

Оваа иницијатива, е наведено во писменото обраќањето до Стопанската комора, претставува важна пресвртница во мисијата на СЕЦ за зајакнување на економските, деловните, научните и академските врски меѓу Швајцарија и 17-те земји од Средна и Источна Европа. Исто така е особено значајна поради тоа што СЕЦ имаше ограничени активности поврзани со Северна Македонија во минатото. „Вистински веруваме дека ова е само почеток на подлабоко и поделотворно поврзување на швајцарските и македонските претпријатија и на поттикнувањето посилни економски односи меѓу двете земји“, се вели во писмено изразената благодарност за одличната организација на настанот.

Стопанската комора на Швајцарија и Средна Европа, остава простор да ја поддржи Стопанска комора на Северна Македонија во некоја од нејзините идни активности, за што ќе бидат анализирани сите можности за соработка што би придонеле за континуираниот успех на коморско делување во земјата.

Минатата седмица, под мотото „Поврзување на Швајцарија и Северна Македонија: Деловен раст и партнерства“, во Стопанската комора се одржа деловен форум посветен на унапредување на трговијата, инвестициите и економската соработка меѓу двете земји. Настанот беше заеднички организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската комора на Швајцарија и Средна Европа (СЕЦ), со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Скопје.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој непосредно пред отворањето на форумот имаше работна средба со новиот амбасадор на Швајцарија во земјата, Н.Е. Кристоф Зомер, во изјава за медиумите нагласи дека овој настан е чекор напред во продлабочување на бизнис-соработката меѓу двете земји.

„Имаме од кого да учиме, а соработката со Швајцарија е пример токму во тој правец – во едукацијата на нашите компании и нивно вклучување во новите технолошки текови. Ќе настојуваме да ја вклучиме и македонската заедница што е присутна во Швајцарија и преку нивни форми на организирање да го подигнеме степенот на размена, кој моментално изнесува околу 200 милиони долари. Нашата цел е да го зголемиме извозот и да создадеме услови за нови партнерства и инвестиции,“ изјави тогаш претседателот Азески.

Настанот го одбележа и првото јавно обраќање на амбасадорот Зомер. Во своето излагање, тој ја истакна долгогодишната успешна соработка меѓу двете држави и потенцира дека постојат јасни можности за нејзино дополнително продлабочување.