„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
17.07.2025
Во гостување на Блумбер Адриа, претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора, проф. д-р Дарко Лазаров, истакна дека извозниот сектор е значаен сектор за македонската економија и затоа е потребно сите заедно многу повеќе да работиме на создавање предлусови за подобрување на извозната конкурентност и зголемување на интернационализацијата на домашните компании. Тој посочи дека македонскиот извоз годинава се соочува со сериозни предизвици поради геополитичките случувања и зголемената неизвесност поради трговската војна и нарушувањето на глобалниот трговски систем, што секако се рефлектира негативно врз македонскиот извоз кој е силно поврзан со побарувачката во ЕУ и особено со автомобилската индустрија во Германија.
Сепак, треба да се нотираат позитивните трендови кои се случуваат кај извозот на земјоделско-прехранбениот сектор, но и кај други извозни сектори каде домашната додадена вредност е поголема. И практично тука ние треба да ги бараме нашите идни можности како земја ако сакаме извозот да има поголем импакт врз растот на БДП.
За да го постигнеме тоа треба многу повеќе да работиме во насока на зајакнување на извозната подготвеност и подобрување на капацитетите на домашните компании со цел тие да станат поконкурентни, како и во насока на поголема извозна промоција на нашите производи со цел тие да станат попрепознатливи на странските пазари.
Професорот Лазаров посочи дека Стопанската комора во изминатиот период преку Клубот на извозници и Институтот за извоз изгради сериозни институционални капацитети кои во наредниот период ќе ги стави во функција на домашните извозни компании. Дополнително, Комората заедно со Владата во рамки на Националниот совет за извоз како платформа за јавно-приватно партнерство за прашања поврзани со извозот веќе разговара за иницирање на конкретни програми за поддршка на извозно-ориентираните компании со цел зголемување на извозните активности и забрзување на економскиот раст. Владата во својата програма го има поставено прашањето за извозот и конкуретноста како важно прашање во градење на посилна економија и во таа насока се позитивните очекувања дека во наредниот период со конкретни мерки и политики заедно ќе испорачаме позитивни резултати кои ќе дополнително ќе го забрзаат економскиот раст.
На домашните извозни компании им е потреба поголема поддршка во делот на извозната промоција преку настапи на меѓународни саеми, учество на Б2Б настани за вмрежување и други настани за презентација и промоција на своите производи. Истовремено, се потребни програми за развивање на нови македонски брендови и зајакнување на пазарните позиции на македонски брендови на регионалните и глобалните пазари што секако ќе влијае врз градење на позитивна перцепција за нашите компании како доверливи бизнис партнери на странските клиенти и градење на позитивна перцепција за квалитетот на нашите производи во очите на странските потрошувачи, посочи Лазаров.
Секако треба да се користат и дигиталните можности за подобро поврзување на нашите компании со потенцијални бизнис и трговски партнери, користење на алатки за обезбедување на информации за одредени регулаторни и друг тип на барања за влез на конкретни странски пазари, како и алатки за олеснување на трговските бариери со кои се соочуваат компаниите при извоз на своите производи, заклучи Лазаров.