„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
23.04.2025
На 16 април 2025 година, во духот на транспарентност, отчетност и посветеност кон своите акционери, Реплек АД Скопје го одржа редовното Годишно Собрание на акционери.
Собранието помина во конструктивна и интерактивна атмосфера, во која акционерите ги усвоија сите материјали и предлог-одлуки според однапред утврдениот дневен ред, објавен преку Јавниот повик.
Особено значајна одлука донесена на ова Собрание е исплатата на дивиденда за 2024 година – во износ од 400 денари бруто по акција. Исплатата ќе започне од 2 јуни 2025 година, и ќе се реализира во четири групи, секој понеделник во месец јуни, директно на трансакциските сметки на акционерите.
Оваа одлука претставува потврда за стабилната финансиска состојба на компанијата, како и за континуираната грижа и вреднување на вложувањата на акционерите.
Управниот одбор ги информираше акционерите дека Реплек бележи континуиран напредок и во текот на 2024 година, каде компанијата го задржа трендот на пораст на приходите од продажба забележан во претходните две години, надминувајќи ги проектираните цели од годишниот бизнис план со реализација од 100,5%. За периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година, остварени се вкупни приходи од продажба од 31,2 милиони евра, што претставува раст од 24% во споредба со претходната година.
Одличен старт Реплек забележа и во првиот квартал од јубилејната 2025 година, кога слави и 80 години од своето постоење. Компанијата овој квартал го заврши со раст на приходите од продажба во сегментот Фармација од 26%, во споредба со истиот период лани.
Присутните акционери беа информирани дека во 2025 година се предвидени инвестиции кои се очекува да надминат 10 милиони евра за унапредување на производствените капацитети, набавка на современа опрема, дигитализација и автоматизација, како и проширување на портфолиото на производи, унапредување на работната средина и вложувања во добросостојбата на вработените.
Како еден од поважните аспекти од воведување на иновации во работењето пред акционерите беше споменато дека е формиран нов Сектор за стратегиски развој кој ќе работи на иновативни решенија, а резултатите од неговото формирање ќе бидат видливи во почетокот на 2026 година.
Во насока на меѓународно проширување на пазарите, акционерите беа запознаени со две нови претставништва во Србија и Босна и Херцеговина, а за 2025 беше најавено понатамошно географско проширување.
Со влезот на Реплек во индексот МБИ10 и приклучувањето на нови 250 акционери за една година, компанијата уште еднаш ја потврди својата визија за просперитет.
Заклучокот беше дека во фокусот на Реплек остануваат луѓето, како посветените вработени, лојалните акционери, задоволните партнери и крајни корисници. Компанијата останува цврсто определена кон одржлив развој, иновации и градење на долгорочна вредност за сите засегнати страни.