„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Најавената градежна офанзива да отвори фронт за развој на домашните градежни компании

17.02.2023

Градежниот сектор во овој период најмногу ги чувствува последиците од мулти кризата. Растот на трошоците за изведба во отуство на можност за корекција на цени кај договорите за јавни набавки, проследен со одредени законски решенија како „недела неработен ден“ кои негативно влијаат на интензитетот на изведбата, го ставија овој економски сектор во незавидна положба. Потврда за тоа се податоците за бројот на вработени кој во претходната година регистрира значителен пад. Така, во третиот квартал од 2022 година споредено со третиот квартал од 2021 година, намалувањето на бројот на вработени во градежниот сектор изнесува 22,11 % или 12.622 лица – беше истакнато на работната средба на Управниот одбор на Здружението на градежништвото, инудстријата на градежни материјали и неметалите со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Во фокусот на дискусијата во рамки на средбата беа проблемите поврзани со недостигот на квалификуван кадар и капиталните проекти, а министерот за транспорт и врски изрази подготвеност во соработка со бизнис заедницата да делува за изнаоѓање решенија на истите.

Претставниците на Управниот одбор посочија дека законското решение за недела неработен ден не донесе придобивки за градежниот сектор, туку напротив, последиците од истото ги трпат и работниците и работодавачите. Проблем претставува и фактот што растот на платите не е проследен со зголемување на продуктивноста на трудот. Еден индикатор за следење на продуктивноста на трудот е економскиот резултат/ БДП по вработен во економијата, а според овој индикатор, пресметан од Светска банка, Северна Македонија во 2021 година продуцирала 44,295 долари по вработен, што значи дека имајќи го предвид просекот на Европската Унија (97,837 долари по вработен), повеќе од двојно заостануваме. Поради тоа, посочија дека е неопходна развојна политика за зголемување на животниот стандард, а прописите од областа на работните односи да овозможат флексибилност во организацијата на работниот процес и да придонесат за постигнување континуирана рамнотежа на интересите на работодавачите и работниците.

Претставниците од Здружението истакнаа и дека е загрижувачки фактот што домашните компании се сè помалку присутни на домашниот пазар, особено кога станува збор за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура.

Најавите за новите проекти на Коридорите 8 и 10 значат дека во следниот период може да се очекува сериозна градежна активност, а најавената градежна офанзива треба да отвори фронт за развој на домашните градежни компании. Во однос на ова прашање се дискутираше за Законот за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола) и одредбата од овој закон, со која се предвидува обврска „стратешкиот партнер да користи најмалку 51% на локални ресурси“. Имајќи ја предвид територијата на државата и значењето на овие проекти, градежниците со министерот за транспорт и врски дискутираа дека оваа обврска треба да се толкува во насока користењето на локални ресурси да се однесува на проектирањето и изведбата на посочените патни делници за кои треба да бидат ангажирани домашни градежни компании, со оглед дека само така ќе се гарантира нивниот развој. Дополнително, се дискутираше и за неодамнешните насоки на Бирото за јавни набавки дадени на договорните органи во однос на евалуацијата на понудите и примената на критериумот економски најповолна понуда согласно со кои договорните органи, наместо од искуството на економските оператори, треба да се водат од искуството на персоналот кој ќе го извршува договорот. Според бизнис заедницата, ваквите насоки се неприфатливи со оглед дека економските оператори/компаниите се тие кои ја сносат одговорноста за извршување на договорите за јавни набавки, а квалитетот на извршувањето покрај квалификациите и искуството на персоналот зависи и од други фактори (технологија, машини и опрема, методи на работа, менаџерски способности и слично), поради што искуството на економските оператори/компаниите треба да биде клучно при евалуација на понудите.

Предмет на дискусија беше и Законот за градење, а бизнис заедницата изрази подготвеност да биде конструктивен партнер во неговата подготовка, сѐ со цел, донесување применлив закон кој ќе придонесе за надминување на проблемите во практиката и во струката, каде посебен акцент треба да биде ставен на соодветното уредување на критериумите за добивање на лиценците и овластувањата.

Присутните заклучија дека интензивирањето на јавно – приватниот дијалог е неопходно за креирање поволен деловен амбиент и дека заеднички треба да делуваат во насока на решавање на посочените проблеми што е од приоритетно значење, а одржувањето на вакви средби треба да биде редовна практика.