„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
02.03.2023
Стопанството би бележело подобри резултати ако реализацијата и динамиката на инфраструктурните проекти се финализира во зацртаните временски рамки. Со ова сакаме да ја мотивираме Владата да стави поголем фокус на инфраструктурата на сите нивоа. Истовремено да се побара и поднесе одговорност за доцнењето, односно нерелизацијата на проектите кои се клучни за македонската економија, а стопанството премногу долго чека на нивна целосна завршница, истакна д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, советник за инфраструктура и економски развој во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија на денешната прес-конференција на тема: „Инфраструктура-врвен Коморски приоритет“.
Важен предуслов за економскиот развој на една земја е економската инфраструктура, која влијае врз деловните можности, но и врз вкупната привлечност на земјата за работа и инвестирање. Еве неколку проекти кои долги години стојат нереализирани: Железничката пруга кон Бугарија, Експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, Експресниот пат Градско-Прилеп, Автопатот Кичево-Охрид, Железничката пругата од Битола до Кременица, за која пред еден месец се објави од државата дека е завршена. Но за жал не се само овие проекти. Сите инфраструктурни проекти го заживуваат и градежништвото и другите пропратни гранки во државата и истите влијаат врз зголемувањето на БДП.
Доцнењето на проектите од патната инфраструктура е нотирано и во последниот Извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на државата, каде е наведено дека е потребно државава да го зајакне оперативниот и техничкиот капацитет на сите засегнати институции вклучени во развојот на Транс-европската транспортна мрежа (ТЕН-Т), а за бавната динамика предупредува и Државната ревизија. Добар план на државна инфраструктура и реализација на истиот во најкраток рок значи и големо доближување на земјата во рамките на ЕУ”, потенцираше Георгиева Јовевска.
ШТО Е ПОТРЕБНО?
1. Реализација на капиталните инвестиции
2. Одговорност за доцнење/ненавремена реализација на инфраструктурните проекти
3. Децентрализација за рамномерен развој
Комората бара државата да изгради Стратегија за инфраструктура која ќе биде поддржана од сите политички партии и другите засегнати страни и нуди помош во подготовка на анализа и детектирање на инфраструктурните проблеми во државата.
Во однос на потребата од децентрализација на надлежностите од централната на локалните власти Георгиева Јовевска истакна дека за стопанството од голема важност е да се забрза динамиката на децентрализација и да се заокружи процесот. Да се зголемат трансферите од централната кон локалната власт согласно потребата за развој на секоја општина со што ќе се овозможи подобрување на инфраструктурата и условите во сите индустриски зони за компаниите. Исклучително важно е општините да обезбедат можност за развој, од една, како и стабилност во своето финансиско работење од друга страна, за да бидат во можност навремено и во целост да ги извршуваат и своите финансиски обврски кон приватниот сектор.
Вложувањата во инфраструктурата се од витално значење за намалување на невработеноста и на сиромаштијата, за зголемување на конкурентноста на економијата, постигнување забрзан економски раст и порамномерен регионален развој.
На настанот учествуваше и постојниот претставник на УНДП во земјата Армен Григорјан, кој говореше за важноста на децентрализацијата и рамномерниот регионален развој.
„Постигнувањето фер децентрализација и рамномерен регионален развој во пракса е особено важна, но во исто време и исклучително предизвикувачка мисија. Имајќи го предвид нашето богато искуство во оваа област, препорачуваме дека децентрализацијата треба да биде еден од клучните реформски процеси во државата, бидејќи има суштинско значење за креирањето просперитетни општини, кои ќе може да обезбедат квалитетни услуги за граѓаните и да бидат партнер од доверба на бизнис заедницата. Сепак, мора да бидеме свесни дека ова е комплексен процес чија имплементација бара сеопфатен пристап од сите засегнати страни, вклучувајќи ги Владата, локалните власти, граѓанскиот сектор, меѓународните организации и секако граѓаните“, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.
Стопанската комора ја продолжува соработката во следниот период со УНДП како и со другите домашни и меѓународни институции во насока на превземање чекори за реализација на својата агенда. Пред одржување на прес конференцијата Георгиева Јовевеска на средбата со Григорјан дискутираа за идните активности на полето на инфраструктурата и организација и учество во заеднички проекти.
Оваа прес конференција беше прва од низата конференции кои ќе се организираат во следниот период од страна на советниците во Кабинетот на претседателот на Комората одговорни за конкретните клучни области презентирајќи ги останатите коморски приоритети, додека Стручната служба продолжува со своите секојдневни активности како и до сега.