„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПРЕКУ ПРАКСА ВО КОМПАНИИТЕ, ДО ПОБРЗО ВРАБОТУВАЊЕ

06.09.2024

Со посредство и поддршка на Стопанската комора, се реализира успешна соработка помеѓу СУГС „Владо Тасевски“ и компанијата „КАЗ Груп“ од Скопје, специјализирана за водоводна опрема. Дуалното образование, кое се спроведува преку оваа соработка, претставува клучен мост меѓу теоретското образование и практичната примена на стекнатите вештини, овозможувајќи создавање на квалификувани кадри подготвени веднаш да одговорат на потребите на пазарот на труд

Без тесна соработка меѓу бизнис заедницата и стручните училишта за реализација на практичната обука на реално работно место нема квалитетно и пазарно ориентирано стручно образование. Оваа констатација веќе неколку години по ред ги дава и позитивните резултати преку раст на бројот на запишани полуматуранти во стручни училишта, но и енормен раст на бројот на компании во кои се реализира дуалното образование или учењето преку работа од 11 компании вклучени во процесот во 2019 година за да во 2023 година 560 компании учествуваат во овој процес. Во таа насока, Стопанската комора во соработка со проектот „Образование за вработување (Е4Е)“ преку уште еден пример на терен ја покажаа оваа заедничка активност која се реализира веќе шеста година по ред.

Во компанијата КАЗ Груп, во присуство на министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, Н.Е. Вероник Улман, амбасадорката на Швајцарија во РСМ (земја која дава силна поддршка во имплементацијата на дуалното образование во државата), м-р Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора, директорот на СУГС „Владо Тасевски“, и учениците од секторот машинство (квалификација Техничар за производно машиство) кои реализираат практична обука и учењето преку работа, уште еднаш беше акцентирана важноста за заедничкот делување во насока на креирање кадри за потребите на бизнисот преку моделот на дуално образоавние. 

Пешев истакна дека Комората во приказната за дуалното образование e скоро 15-тина години кога компаниите се соочиле со сериозен недостаток на работна сила. „Единственото решение беше да почнеме да размислуваме како тој кадар да го произведуваме кај нас во државата. Ова што се случува денеска е само потврда дека сме биле на вистинскиот пат. Она што многу нè радува е дека покрај поддршката која ја имаме од Швајцарија и од некои други држави кои посебно сакаат да ни помогнат да го воведеме овој систем после многу години, конечно имаме и одговор од Министерството за образование и наука кое е подготвено да го стави во рамките на закон. Во изминатиот период направивме енормен напор да произведеме и луѓе подготвени да ги преземат децата во процесот на работа, така што имаме едуцирано повеќе од 1 300 ментори. Во последниве пет години, како од првичните 10, бројот на компании кои се вклучени во процесот на дуално образование се зголеми на 500 компании. Би сакал да продолжи ваквото образование за барем малку да пробаме да го стопираме одливот на работна сила што го имаме во државата“,потенцираше Пешев.

Порака која ја упати министерката Јаневска е дека бизнис секторот претставува клучен партнер и со заеднички сили на бизнисот, швајцарската амбасада, Министерството, се успеа да се привлечат многу ученици и да се смени мислењето дека средното стручно образование нема иднина и е помалку вредно од гимназиското. Овој настан е добра приказна за успешно стручно образование и обука, што се должи на поддршката што ја дава Стопанската комора и Швајцарија која има долга традиција на дуално образование. „Тоа го покажуваат и бројките, од вкупно запишани 17 илјади ученици во средно образование, дури 12 илјади се запишани во средно стручно образование, а има 62 училишта со дуално образование во кои во прва година се запишани четири илјади ученици“, потенцираше министерката за образование и наука Јаневска. 

„За системско уредување на дуалниот модел на образование се подготвува комплетно нов закон, во кој е предвидено да се регулираат односите меѓу училиштата и бизнис секторот, како и реализацијата на учењето преку работа, се работи во комплетна и континуирана комуникација со Стопанската комора. Станува збор за концептот на дуално образование кој повеќе години се развива во нашата држава и кој подготвува генерации на ученици со квалитетно образование за да излезат на пазарот на труд, но исто така доколку сакаат можат да го продолжат својот образовен процес“, изјави Јаневска.

Швајцарската амбасадорка Вероник Улман посочи дека ги поддржуваат реформите во стручното образование во земјава, со цел младите луѓе да добијат достојни работни места, а приватниот сектор да добие висококвалитетна работна сила.

„Швајцарија веќе има ваков систем на дуално стручно образование, нешто што е важно да одговара на потребите на приватниот сектор. Ние би сакале да ги пренесеме нашите искуства, нашите позитивни практики и лекции за развој на стручното образование приспособени на вашите потреби, а не да го пресликаме швајцарскиот модел“, рече амбасадорката Улман. Таа ја потенцираше и важноста на заедничките напори, на приватниот сектор, на институциите за стручно образование и на МОН во уредувањето на дуалното образование.

Анета Корупкина од компанијата Каз Груп, Скопје истакна дека како единствена компанија за производство на водоводна опрема на Балканот, веќе трета година имаат соработка за дуално образование со средното училиште „Владо Тасевски“, а ваквата соработка е стекната преку Стопанската комора и со поддршка на Швајцарската амбасада.

„Среќни сме што ќе имаме деца коишто не само ќе учат во училниците, ќе имаат можност практично да го пробаат она што го учат теоретски во училницата. Тоа е многу важно затоа што мислам дека на тој начин, кога теоријата се спојува со праксата, имаме постручен, подобар кадар којшто многу побрзо може да доаѓа до конкретни решенија. Се надевам на понатамошна соработка, на голема поддршка од МОН овој процес да продолжи“, рече Корупкина.

Директорот на СУГС „Владо Тасевски“ Добре Михајлов посочи дека процесот на изведување на практична настава кај работодавачи има позитивен бенефит како за училиштето и учениците, така и за компаниите кои се дел од процесот.

Од самиот настан, учесниците упатија неколку пораки:

1.     Учењето преку работа на реално работно место им овозможува на учениците стекнување на стручни вештини и побрзо вработување по завршување на образованието, како и системско уредување на дуалниот модел на образование;

2.     Со квалитетно образование кое нуди и стручни вештини може да се биде успешен и во сопствената земја, со производите и услугите препознатливи и надвор од сопственета земја;

3.     Третата порака која беше упатена е дека нема машка и женска професија ако секој стекнува квалификации според неговите желби и можности.

Каз Груп е семејна компанија основана 1987 година специјализирана за производство на водоводна опрема и нестандардни водоводни делови. Производите кои ги произведуваат 50-те вработени, повеќе од 70% се наменети за извоз за пазарите на Западна Европа и Блискиот Исток.