„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
01.03.2023
Советот за развој на тренинг и на обуки при Стопанската комора, со поддршка на Бизнис центарот за тренинг и за обуки ДООЕЛ, Охрид, а на барање на компанијата Рудник „САСА“ – Македонска Каменица, започна со реализација на обуки за унапредување на знаењата на вработените во компаниите.
Секоја организација која е ориентиранa кон промени и кон развoј гради тимови, кои, преку обуки за унапредување на знаењата и на вештините, постигнуваат личен развој во функција на креирање нови организациски визии и на отворање патишта кон нивно остварување. Светот е динамичен и промените се случуваат секој ден, а компанијата ќе застарува ако не го следи трендот и ако храбро не ги примени промените во сопствениот организациски систем.
Прво нешто што гради компанијата е тим на интерни обучувачи или дисеминатори, кои ќе им ги пренесуваат на вработените своите новостекнати знаења и вештини, ќе ги менторираат и ќе ги охрабруваат за работа во променети околности. Ваквиот тим има три основни задачи:
- да го надминува јазот меѓу потребите на работното место и знаењата што ги поседуваат нововработените;
- да обезбедува континуитет во развивањето на вештините на вработените во контекст на новонастанатите технолошки процеси;
- да обезбедува преквалификации на кадарот, во насока на новите работни позиции што ги носат современото работење и развојната технологија.
Рудникот „САСА“ е компанија која работи со полн ентузијазам и која гради свои тимови, континуирано обучувајќи ги. Денеска компанијата започнува со програмата за тридневна обука „Обука за обучувачи“, која ќе ја посетува техничкиот кадар, а предавач и обучувач за програмата е д-р Соња Ристовска.
Програмата за обука се реализира низ 9 модули за стекнување знаења за дизајнирање обуки и материјали за обуки, како и за развивање презентерски и фасилитаторски вештини за обучувач. Преку нив ќе обезбеди инспиративно-мотивирачки однос на вработените спрема потребата за учење како континуиран процес и за развивање компетенции за разбирање на вработените со различно однесување, за разбирање на нивните потреби и свесен однос спрема донесувањето решенија прифатливи за секого, како и за справување со несекојдневните ситуации.