„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

КОНКРЕТНИ МЕРКИ ЗА ИНТЕГРАЦИЈА НА ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ НА ДОМАШНИОТ ПАЗАР И НА СТРАНСКИТЕ ПАЗАРИ

10.07.2024

На заеднички работен состанок, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и членките на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали при СКСМ дискутираа за состојбите во секторот и за предизвиците со кои се соочуват. Претседателот Азески констатираше дека актуелните бројки во градежништвото се критични и дека се црвена линија од која не може да се оди подолу. Стопанската комора има свои решенија, вели претседателот Азески. Тие се ставаат во процедура и во периодот што следува ќе се инсистира на нивна примена. Јасно е, вели Азески, дека се потребни итни мерки за подобрување на условите за работа на домашните градежни компании и поддршка за нивниот развој.

И претседателот на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали, Андреа Серафимовски, констатираше дека државата треба да создаде подобри услови за домашните градежни компании: да ги намали административните пречки и да ги приспособи законите за градба, работни односи и за јавни набавки на секторот. Нагласи дека е потребна еднаква конкуренција и поддршка за домашните компании за да можат да учествуваат на локалните и на меѓународните проекти. Во Законот за градба компаниите предлагаат итни измени со цел отстранување на техничко-административните пречки при реализација на проектите. Во Законот за работни односи предлагаат намалување на бариерите, како на пример недела неработен ден и многубројните празници, за да се подигне продуктивноста на трудот и за да има континуитет во работењето, а во Законот за јавни набавки да се препознаат специфичните потреби на градежништвото, но и да се дозволи учество на претставници од Комората во Комисијата за жалби по јавни набавки во областа на градежништвото.

Од новата влада се очекува дека ќе преземе чекори во насока на инвестиции во градежништвото, дека ќе ги препознае македонските компании и дека ќе создаде услови за нивни раст и развој, рече Серафимовски. Тој изрази надеж дека државата ќе најде начин да им даде привилегии на домашните компании за 250-те милиони евра што планира да ѝ ги префрли Владата на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти.

Од капиталните инвестиции во земјава 96 % ги реализираат странски компании, а само 4 % домашни. Ако само 1 % од домашните компании имаат повеќе од 250 вработени, учеството на градежништвото во БДП би било над 10 %, а капиталните инвестиции би биле двојно реализирани. Во 2013 година домашните компании учествувале со 7,1 % во БДП, додека, пак, лани со само 5,5 %, иако капиталните инвестиции биле 43,5 милијарди денари. Критериумот најниска цена е причинител за бавното и неквалитетно реализирање на инвестициите.

Во Здружението при Комората има повеќе од 120 активни членки со годишен промет од над 4,5 милијарди денари, кои вработуваат повеќе од 7.000 луѓе. Од домашните градежни компании 89,4 % имаат од еден до деветмина вработени, а само 0,14 % имаат повеќе од 250 вработени.