„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПРАКТИЧНАТА НАСТАВА Е НЕРАСКИНЛИВ ДЕЛ ОД ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

10.07.2024

СКСМ И УКИМ ЗАЕДНО ВО СИСТЕМСКО УРЕДУВАЊЕ НА ПРАКТИЧНАТА НАСТАВА И ВКЛУЧУВАЊЕ НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

Продолжува консултацијата со високообразовните институции за поголема вклученост на бизнисот во образованието

Стандардизацијата на квалификациите и реализацијата на практичната настава во високото образование беше темата на отворената дискусија во рамки на четвртата работна средба што ја организираа претседателите на двата Совети, Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања, м-р Михајло Донев и Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуката, м-р Наташа Јаневска, со претставници на ректорската управа на Универзитетот Св.Кирил и Методиј – Скопје, на чело со ректорот проф.д-р Биљана Ангелова.

Воспоставувањето на добро осмислена и функционално поставена институционална структура за реализација на практична настава и стандардизирањето на квалификациите според нивоата во Националната рамка на квалификации ќе им овозможи на студентите стекнатите знаења да ги поткрепат со практични вештини и компетенции за работните процеси во компаниите и во работните организации.

д-р Ангелова ја поздрави иницијативата на Стопанската комора која ја обезбедува соработката помеѓу високообразовните институции и бизнис заедницата во насока на реализација на практичната настава и научните истражувања. Д-р Ангелова потенцираше дека на ниво на Универзитет имаат воспоставена соработка со приватниот сектор, но дека системското уредување на истата би донело поголема корист за сите чинители. Реалната ситуација покажа дека во изработката на студиските програми, водени согласно Законот за високото образование не дозволува поголема флексибилност според потребите на пазарот на труд, што на долг рок влијае на вработливоста на дипломираните студенти.

На работната средба како предмет на дискусија беше и називот што се доделува по завршување на првиот циклус на студии за студиски програми со 180 и 240 кредити (ЕКВЕТ). Заеднички беше заклучено дека само студентите кои завршуваат студиски програми со 240 кредити можат да го носат звањето Дипломиран, додека студентите кои завршуваат студиски програми со 180 кредити се познавачи од дадената област за која студираат.

Фокус беше ставен и на доживотното учење на лицата со високообразовни квалификации што ќе биде нов сегмент во делот на високото образование за остручување и подлабока специјализација во дејноста што ја завршиле или дејноста во која работат. Во овој сегмент двете страни се согласни дека заедничка соработка може да придонесе во создавање на пазарно ориентиран и високо квалитетен стручен кадар.

И двете страни се согласни дека е потребно да се направи:

        - измена на законската регулатива за високо образование;

        - прецизирање практичната настава во текот на академската година;

        - прецизирање на улогата на менторите за реализација на практичната настава;

        - обука на ментори и сертифицирање на ментори;

        - стандардизација на квалификациите.

По усвојувањето на новиот Закон за високо образование, беше заклучено дека ќе следува заедничка соработка на двете институции за нови иницијативи кои и на ниво на Интрауниверзитетска конференција се дискутирани и за кои постои согласност од сите активни членови, а кои се во насока на подобрување на квалитетот на образованието.

Продолжува циклусот на активности и консултации со високообразовните институции и компаниите во насока на дефинирање на потребите и формите на реализација на практичната настава и внесување на практичната настава кај работодавач, како посебен модул во студиските програми, со доделување на определен број на кредити и вреднување на постигнатите стручни вештини кај студентите.