„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
02.07.2024
Заложбите на Стопанската комора за подигање на атрактивноста и зголемување на бројот на запишани ученици во стручното образование во насока на обезбедување на стручен кадар вродија со плод. Бројката на запишани полуматуранти во стручното образование, и оваа учебна 2024/2025 година, во првиот уписен рок, изнесува 68% од вкупиот број на 13.882 ученици. Дуалното образование стана многу важен сегмент од целата приказна наречена средно стручно образование, учениците и родителите разбраа дека со ваквиот тип на образование можностите за вработување се поголеми затоа што нивните деца ќе бидат остручени на реално работно место и повеќе не робуваат на стигмата дека само лошите ученици се запишуваат во стручно образование.
Резултат за ваквите бројки се активностите што ги реализираше Комората самостојно или во соработка со Министерството за образование и наука и преку проектот „Образование за вработување (Е4Е)“. Во соработка со образовните институции се дизајнираа нови квалификации, релевантни на потребите на компаниите и модерните трендови, се изработија нови образовни програми, се работи на подигање на квалитетот на реализацијата на практичната обука на реално работно место и стекнување, не само на стручни, туку и на трансверзални вештини. Истовремено, се зајакнува соработката на стручните училишта и компаниите во заедничкото дизајнирање на образовните програми и програмите за практична обука што поттикна и зголемување на бројката на компании кои се вклучени во стручното образование. Бројката на компании вклучени во дуалниот модел оваа учебна година изнесуваше околу 560 компании, за разлика од 2021/2022 година кога изнесуваше 211 и пред неколку години (2017 година), кога беа само 3 или 4 компании затоа што се смени перцепцијата и кај работодавачите дека тие преку овој тип на образование имаат можност самите да го подготвуваат својот кадар, на сопствената технологија и според специфична дејност, а по нивното завршување да ги вработаат и да ги пополнат празнините на работните места.
Целото интервју од гостувањето м-р Наташа Јаневска, проектен менаџер во стручната служба на Стопанската комора и претседател на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, можете да го погледнете на видеото во текстот.