„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

проект Граѓаните против корупцијата

Повеќе од половина од компаниите се соочиле со коруптивни барања во 2023 година, покажа анкетата на Стопанската комора

26.06.2024

Анкетата покажа дека корупцијата е прашање од критична важност за приватниот деловен сектор бидејќи таа е рангирана меѓу трите најважни прашања што треба да се решат за да се има добра деловна средина. Оваа Анкета е прва од ваков тип и се фокусира на ставовите и искуствата на компаниите поврзани со корупција само за фискалната година 2023 (јануари-декември)

Стопанската комора на Северна Македонија на прес-конференција ги презентираше резултатите од Анкетата со приватниот бизнис сектор за прашања поврзани со корупција, што е дел од активностите на проектот „Граѓаните против корупцијата“ кој Комората го спроведува од април 2023 година. Станува збор за петгодишен проект, финансиски поддржан од УСАИД, што се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор.

Резултатите од анкетното истражување пред новинарите ги презентираше м-р Зоран Јовановски, потпретседател на Комората и тим лидер на проектот во Комората.

Анкетата, која беше спроведена во март годинава, е прва од ваков тип и се фокусира на ставовите и искуствата на компаниите поврзани со корупција само за фискалната година 2023 (јануари-декември). Со вкупно 38 прашања поделени во четири сегменти, анкетата дава детален увид во различните аспекти на корупцијата, нејзината присутност и влијание врз компаниите.

„Анкетата покажува дека нешто повеќе од половина од компаниите кои одговориле се соочиле со коруптивни барања во 2023 година. Ова може да се смета како потврда за размерите на корупцијата во земјата. Многу е важно да се истакне дека тука зборуваме за вистинско искуство со коруптивни барања, а не за перцепција околу корупцијата. Дополнителната анализа преку вкрстено табелирање покажува дека колку е поголема компанијата, со толку повеќе коруптивни барања се соочила. Во групата на компании кои одговориле дека се соочиле со коруптивно барање, 40,9 проценти се големи компании, 29,5 проценти се средни компании, 15,9 проценти се мали компании, а 13,6 проценти се микро-компании“, изјави Јовановски.

Во однос на прашањето на кое ниво на државна власт се случило коруптивното барање, анкетата покажува дека во 2023 година кај 78% од компаниите барањата дошле од централната државна власт. Во анализата на анкетата се заклучува дека „можеби причината за ова е што компаниите имаат многу поголем обем на редовни трансакции со институциите на централната власт, така што просторот за коруптивни барања е поголем на тоа ниво“.

„Компании се соочиле со различни форми на коруптивни барања. Како што се очекуваше, најчести се коруптивните барања за пари, а по нив следат барањата за услуга, подарок, вклучително некого да вработат или унапредат, донација за политичка партија, итн. Разновидноста на формите на коруптивни барања може да укаже дека различни вработени во јавниот сектор имаат различни „преференции“. Од оние компании кои се соочиле со коруптивно барање во 2023 година, две третини не добиле директно барање да дадат тоа што се барало од нив, туку добиле јасно укажување дека тоа се очекува од нив. Ова може да укаже дека претставниците на јавниот сектор се внимателни при поставување на коруптивните барања и претпочитаат да ги поставуваат индиректно наместо директно“, истакна Јовановски пред новинарите.

Компаниите се соочиле со коруптивно барање најмногу во постапка на добивање дозвола, одобрение, при инспекциски надзор, при царинска и тендерска постапка.Кај 61% од компаниите тоа се повторило 2 до 5 пати во 2023 година.

Огромно мнозинство од оние компании кои се соочиле со коруптивно барање, добиле барања во износ од 1 до 10 илјади евра. Но, постоеле коруптивни барања и за износи помеѓу 51 и 100 илјади евра, како и над 100 илјади евра.

 
Кај тендерите за јавни набавки коруптивните барања најчесто биле во рамките меѓу 6 и 10 % од вредноста на тендерот

Во однос на корупцијата при јавните набавки, три четвртини од компаниите што одговориле на ова прашање не учествувале во тендер за јавна набавка во 2023 година. Поголемиот дел од тие компании што учествувале во таква постапка посочиле дека им било побарано да платат меѓу 6 и 10 проценти од вредноста на договорот. Има дури и неколку случаи кога од компаниите било побарано да платат повеќе од 20 проценти од вредноста на договорот. Ова укажува дека тендерите за јавни набавки се перципираат од јавните институции како „алатка“ за значителни лични придобивки.

Причината за постоење на корупцијата компаниите ја гледаат во неефикасниот судски систем, желбата на поединци во власта за брзо збогатување, како и тоа дека во општеството владее морална криза, а законите не се применуваат. Анкетата покажа дека постои сериозна недоверба во сегашната поставеност на можностите за борба против корупцијата, зашто најголем дел од компаниите не презеле ништо.   

Во однос на прашањето „Дали сметате дека постои пречка за пријавување случаи на корупција во вашата средина?, одговорите покажуваат дека компаниите главно не веруваат дека пријавувањето би произвело некаков ефект и се плашат од негативни последици за бизнисот доколку пријават.

48 % од компаниите кои не прифатиле коруптивно барање најмногу страдале поради пролонгирање на планираната деловна активност, без разлика дали се работи за планирана деловна инвестиција, производство, увоз, извоз итн. Исто така, тие имале финансиски трошоци или се соочиле со други форми на застој на нивниот бизнис.

 Приватниот бизнис сектор верува во успех во борбата против корупцијата

Анкетата покажа дека приватниот бизнис сектор верува во успех во борбата против корупцијата. Компаниите се оптимистични и сметаат дека корупцијата во земјата може значително да се намали.

•        59% од компаниите – корупцијата може значително да се намали

•        26% од компаниите –ќе ја има, но може да се ограничи

•        8% од компаниите –може целосно да се елиминира

•        4% од компаниите –не може да се намали

Анкетата покажа дека корупцијата е прашање од критична важност за приватниот деловен сектор бидејќи таа е рангирана меѓу трите најважни прашања што треба да се решат за да се има добра деловна средина.

Што се однесува до идната соработка помеѓу приватниот деловен сектор и СКСМ, охрабрувачки е што компаниите се заинтересирани за здружување на силите во борбата против корупцијата, вклучувајќи следење обука за деловен интегритет, потпишување Декларација за етички принципи, прифаќање Кодекс на етички стандарди итн.

Анкетата, која беше целосно анонимна, по електронски пат беше испратена до 400 приватни компании, од кои 138 компании (34,5%) дадоа одговори. Од нив 75 компании одговорија целосно, а 63 компании делумно. Анкетата опфаќа компании со различна големина, сектори и региони на македонската економија, обезбедувајќи репрезентативност и релевантност на резултатите. Беа вклучени компании чија работа е претежно ориентирана кон домашниот пазар, но и компании кои се членки на Советот на странски инвеститори во рамките на СКСМ.

Одговорите добиени преку анкетата се мошне релевантни бидејќи 92 % беа дадени од менаџментот на компаниите, луѓе кои ги имаат сите релевантни информации потребни за одговарање на вакви прашања во име на нивните компании.

*Анкетата се изведе со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД). Содржината е исклучива одговорност на Стопанската комора на Северна Македонија и не ги одразува нужно гледиштата на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.