Коморскиот инвестициски форум на 6-те економии на Западен Балкан (КИФ ЗБ6) е заедничка иницијатива на стопанските комори од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора којашто ги претставува интересите на повеќе од 300.000 компании, со мисија да ја поврзе деловната заедница во регионот и да понуди заеднички глас на деловните субјекти во регионот.
Седумдесет избрани МСП од регионот на ЗБ6 ќе можат да добијат помош околу пласирање на нивните производи на пазарите на ЕУ (со фокус на германскиот и на италијанскиот пазар) потполно бесплатно.
Најуспешните учесници во програмата за Техничка помош ќе учествуваат на Инвестициската конференција/Деновите на снабдувачи во Берлин, Германија (24 септември 2024 г.) или на саемот за градежништво „САИЕ“ во Болоња, Италија (9-12 октомври 2024 г.).
Што добиваат избраните компании од оваа програма бесплатно?
Во текот на Техничката помош, програмските експерти ќе понудат поддршка на МСП од регионот на ЗБ6 во однос на стекнување компетенции што ќе ги направат попривлечни за влегување во европските и во светските вредносни синџири и за наоѓање партнери од ЕУ.
Во рамки на Техничката помош, вашите МСП ќе го добијат следното:
• МСП од областите инфраструктура, земјоделство и мобилност (автомобилска индустрија, метали, пластика, текстил итн.):
- ќе добијат макроекономски приказ на германската економија и на главните потенцијални области за соработка за вашето поле на работа,
- ќе добијат извештај за состојбата на германската економија во овие сектори, надворешната трговија на Германија и за надворешната трговија на произведувачите и давателите на услуги од ЗБ6 во врска со односните сектори,
- ќе бидат обучени како да користат дигитални алатки за наоѓање податоци за извозните пазари во иднина,
- ќе учествуваат во обуките скроени според нивните потреби како подготовка за настан во Берлин, а
- најактивните и најпосветени МСП ќе учествуваат бесплатно на Деловниот форум/Деновите на снабдувачи во Берлин на 24 септември 2024 г., каде што ќе имаат можност да воспостават соработка со германски партнери.
• МСП од градежништвото (проектирање, изведба, инженерство на постројки):
- ќе добијат извештај за италијанската градежна индустрија, надворешната трговија на италијанските произведувачи и даватели на услуги од градежништвото, надворешната трговија на произведувачите и давателите на услуги од градежништвото во ЗБ6,
- ќе бидат обучени како да користат дигитални алатки за наоѓање податоци за извозните пазари во иднина,
- ќе учествуваат во обуките скроени според нивните потреби како подготовка за саемот „САИЕ“ во Болоња, а
- најактивните и најпосветени МСП ќе учествуваат бесплатно на саемот „САИЕ“ во Болоња од 9 до 12 октомври 2024 г., каде што ќе имаат можност да воспостават соработка со италијански партнери.
На крајот на програмата, компаниите ќе бидат подготвени за пристапување до предизвикувачките пазари на Германија и Италија преку еден процес предводен и олеснет од експерти во соодветната област.
Предуслови за кандидатите
Аплицирањето е ограничено на мали и средни компании кои се регистрирани во следните сектори:
• Инфраструктура.
• Мобилност (автомобилска индустрија, метали, пластика, текстил итн.).
• Земјоделство.
• Градежништво (проектирање, изведба, инженерство на постројки).
Кандидатите треба:
- да се регистрирани во една од 6-те економии на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Северна Македонија, Србија или Црна Гора,
- да имаат регистрирано профил на Базата на податоци за пристап до пазари (Market Access Database) -
https://www.market-access.wb6cif.eu/,
- да исполнат дополнителни предуслови како: да имаат намера и да работат на извезување на нивните производи во овие пазари.
Поканата е отворена за сите компании од регионот на ЗБ6 коишто ги исполнуваат бараните критериуми/предуслови, а ќе бидат избрани врз основа на оцената на нивниот потенцијал и подготвеност да ја поминат програмата.
Работниот јазик за време на програмата за Техничка помош ќе биде англиски, така што течното познавање на англискиот јазик од страна на претставниците на компаниите (лица за контакт/учесници во програмата) е задолжително.
Имајте предвид дека избраната личност/учесник како претставник на односните компании треба да биде целосно посветена да учествува на закажаните состаноци, обуки и други активности во врска со овој проект во периодот септември и/или октомври 2024 г.
Уште еднаш, ве повикуваме да ја искористите оваа единствена и потполно бесплатна можност и имајте предвид дека рокот за аплицирање е до 12 јули 2024 г.