„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ТРГОВСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ПЕЛАГОНИЈА ВО ИЗМИР И ВО ТИРЕ, РЕПУБЛИКА ТУРЦИЈА

20.05.2024

Трговска делегација составена од градоначалници, претседатели на регионални стопански комори, и од деловни луѓе од Пелагонискиот Регион ги посети Измир и Тире, Република Турција, во периодот од 15 до 19 мај 2024 година.
Посетата е како продолжение на претходната соработка меѓу Измир и Битола и меѓу Тире и Прилеп, како и на претходните посети на Пелагонискиот Регион на делегации од двата града од Република Турција, кои реализираа повеќе инвестициско-инспекциска тури во претходните години.
Македонската делегација ја пречека градоначалникот на Измир, д-р Џемил Тугај, по чиј повод се одржа „Средба за соработка меѓу Измир и Битола“. Потоа трговската делегација од Битола и Прилеп ја посети и Индустриската комора на Егејскиот Регион (EBSO), со која Регионалната комора со седиште во Битола потпиша и меморандум за соработка во 2023 година.
Делегацијата ја продолжи својата посета со средба со градоначалникот на Тире, Хајати Окуроглу, во неговиот кабинет во Општина Тире, а потоа беше примена и од раководството на Организираната индустриска зона Тире (TOSBI) и оствари посета на компании сместени во неа.
Како претставници на општините и на стопанството од Пелагонискиот Регион, од наша страна на средбите присуствуваа градоначалникот на Битола Тони Коњаковски, прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски, претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола Мирко Велковски, претседателот на Регионалната комора со седиште во Прилеп Никола Мариноски и десетина македонски стопанственици заинтересирани за соработка со турски партнери во заеднички инвестиции во Пелагонискиот Регион.
Сите учесници на средбите изразија големо задоволство од остварената комуникација и искажаа подготвеност за остварување уште поголема економска соработка меѓу Турција и Пелагонискиот Регион во иднина, со најави за поконкретни директни инвестиции и за појак настап на турски компании во нашата земја.
Во 2023 година Турција е седми трговски партнер во надворешнотрговската размена на Република Северна Македонија. Вкупната трговска размена за 2023 година изнесува 897,8 милиони САД $, што претставува пад од 12,93 % споредено со 2022 година. Извозот изнесува 196 милиони САД $, што претставува пад од 11,7 %, додека, пак, увозното салдо изнесува 701,7 милиони САД $, со пад од 13,31 % во споредба со 2022 година. Во вкупната надворешнотрговска размена на Република Северна Македонија со Република Турција за 2023 година остварен е трговски дефицит од 505 милиони САД $.