Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески вчера во Охрид имаше работна средба со раководството на мултинационалната компанија „Костал“ од Германија, предводено од Андреас Костал , претседател на Управниот одбор и сопственик на „Костал Групацијата“ и Хансјорг Херман, извршен оперативен глобален директор и претседател на „Костал Европа“.
На средбата, на која присуствуваше и целиот менаџерски тим на „Костал“ се разгледаа неколку теми кои имаат значење за односите помеѓу оваа реномирана компанија, која доаѓа од нашиот најголем трговски партнер, Сојузна Република Германија и Република С. Македонија.
Раководството на „Костал“ изрази благодарност до раководството на Стопанската комора за поддршката што ја добива во однос на своите активности и операции во земјата. Информираше дека моменталните економски трендови во Германија и во автомобилската индустрија се проблематични и неизвесни што влијае врз нивната инвестициска активност. Меѓутоа нивната оценка е дека во наредниот период ќе дојде до зголемување на предвидливоста, подобрување кај клучните проблеми на работењето, како што се побарувачката и цената на суровините.
Што се однесува до конкретната соработка и услугите во Македонија нивните видувања се идентични во последните неколку години и се сконцентрирани на состојбите со работната сила, функционирањето на правната држава и имплементацијата на договорените работи со Владата на РСМ.
На средбата со претседателот на Комората тие уште еднаш ја потенцираа долгогодишната соработка и нивната намера да останат на македонскиот пазар и да продолжат со своите инвестициски активности, а работењето на менаџерскиот тим на „Костал“- Македонија го оценија како многу професионално, стручно, во согласност со времето во кое живееме.
Групацијата КОСТАЛ е германска семејна компанија со над 100 годишна традиција, која глобално вработува повеќе од 21.000 вработени на 5 континента ширум светот.
КОСТАЛ Аутомотив Електрик, како еден од профитните центри на Групацијата, денес е еден од водечките добавувачи во автомобилската индустрија и е препознатлива по високиот степен на иновативност и постојан развој реализирани преку постојаното издвојување на високи износи на средства за истражување и развој. Во компанискиот код се вградени традицијата на бескомпромисен квалитет и чувството на лојалност и взаемна поврзаност помеѓу Компанијата и нејзините вработени.
Во Охрид, КОСТАЛ е присутна од 2016 година и е една од најбрзорастечките странски инвестиции присутни во Републиката.
КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА е една од водечките компании на глобално ниво за производство на електронски и мехатронски компоненти за автомобилската индустрија. Главни производи: мехатронски модули (кровни модули, менувачи и сл.), електронски контролни единици, прекинувачи, полначи за електрични автомобили (OBC) за познати брендови на автомобили Порше, Мерцедес, БМВ, Ауди, Волксфаген, Јагуар, Ланд Ровер.
Во моментот фабриката во Охрид брои 1.050 посветени вработени, сите професионалци во својот домен на работа.
До сега на локацијата во Охрид, КОСТАЛ инвестираше над 120 милиони евра а продолжува и понатаму да вложува во нови проекти. Во 2023 година, КОСТАЛ како една од водечките компании се наоѓа на 10-то место на листата на најголеми извозници во Македонија.