Стопанската комора на Северна Македонија, преку проектот што го спроведува во партнерство со УСАИД за поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција (ПСРИСА), продолжува со активностите наменети за поддршка на извозно ориентираните компании во нивните напори за освојување нови пазари и за вмрежување со потенцијални партнери од ЕУ и поширико.
Четири домашни компании кои се производители на градежни материјали, со поддршка на Комората и на ПСРИСА, имаа можност да го посетат 33. Меѓународен саем за градежништво и градежни материјали „МЕГРА 2024 година“, кој се одржува од 17 до 19 мај во Горна Радгона, Словенија. Компаниите „Адинг“ Скопје, „Баутек“ Скопје, „БИМ“ Свети Николе и „Усјепор“ Скопје имаа можност да остварат директни контакти со градежни изведувачи од Словенија, Австрија и од Унгарија, кои традиционално се присутни на Саемот МЕГРА. Покрај изложниот дел, на кој со штандови се претставија повеќе од 175 компании, во рамките на Саемот беа одржани и едукативни работилници за дигитализација на секторот градежништво, стандарди во производството и изведба, 3D-печатење и нови трендови во индустријата, сегменти кои се од особено значење за градење конкурентност и извозен потенцијал на обединетиот пазар на ЕУ.
Оваа година на Саемот „МЕГРА 2024“ Горна Радгона, на површина од 9.900 m2, има повеќе од 175 изложувачи од 11 земји од ЕУ и од целиот свет, што претставува одлична можност за една извозна компанија да оствари контакти и да ги претстави своите производи пред потенцијалните купувачи од странство. Во соработка со Стопанската и индустриска комора на Словенија, на македонските извозни компании им беа обезбедени информации за потенцијалните партнери од Словенија, со кои за време на Саемот беа остварени средби.
Потребата од поддршка на македонските компании во доменот на извозната промоција не само што е препознаена од Комората туку веќе и со конкретни чекори се реализира преку поддршка на домашните компании за учество на меѓународни саеми кои се од интерес за различни сектори, а кои се реализираат во консултација со компаниите, со цел навремено идентификување на можностите за учество на саемски манифестации кои креираат извозен потенцијал.
Градењето на извозните капацитети, поттикнувањето на конкурентноста, регионализацијата и интернационализацијата на македонските извозни компании се основните цели кои планира да ги реализира тимот на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, преку учество на меѓународни саеми, Б2Б-средби, организирање купувачки мисии и преку други форми на промоција кои ќе придонесат за поголемо присуство на традиционалните пазари, но и за проширување на нови пазари.
УСАИД ја поддржува Стопанската комора на Северна Македонија за подобра интеграција на бизнисите во регионалните и во глобалните вредносни синџири и засилување на нивниот капацитет за да бидат конкурентни во Западен Балкан и пошироко во ЕУ преку проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”. Идејата е да се создадат алатки за јавно-приватен дијалог, промоција на придобивките од регионалната економска интеграција на деловната заедница, истражување и унапредување на можностите за извоз и обезбедување одржливи услуги за извозните компании.