„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
29.03.2024
Здружението за градежништво, индустријата на градежните материјали и неметалите ја одржа првата редовна седница за тековната година. Седницата ја отвори и ја започна претседателот на Здружението Андреа Серафимовски.
„Градежништвото се соочува со тешки времиња поради COVID 19 и поради економската криза, кои предизвикаа зголемување на цените на градежните материјали и на услугите, како и поради нелојалната конкуренција при спроведувањето на јавните набавки, а административните бариери на започнатите проекти дополнително го отежнаа развојот на секторот. Статистичките податоци за домашниот бруто-производ, според производствениот метод, во четвртото тримесечје од 2023 г. покажуваат позитивен процент на зголемување, но во споредба со 2022 година двоен пад. Иако просечната нето-плата расте, и тоа со забележителни 18,8 %, недостигот од квалификуван кадар се зголемува. Нетипично, но реално во 2023 година, во согласност со податоците од ДЗС, се воочува намален број на издадени одобренија за градба, и тоа во високоградбата. Скопскиот Регион сѐ уште претставува најатрактивен со оглед на издадените одобренија за градба, а по него следува Полошкиот Регион“, даде вовед Серафимовски.
На седницата на Здружението на градежништво се дискутираше за реализираните активности во 2023.
„Сакам да истакнам дека изминатата година е една од најактивните на Здружението, а за тоа зборува и извештајот за работата на Здружението за 2023 година: многубројни средби со ресорните министерства, поддршка од синдикатите за градежништво, телевизиски гостувања и прес-конференции на кои укажавме на сето она со кое се соочуваме во моментов. Тука би ја споменал и активноста која ја одбележа 2023 година, а тоа е реализацијата на ПРВАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПАТНА ИНФРАСТРУКТУРА – ИСКУСТВА, ПРЕДИЗВИЦИ И ПЕРСПЕКТИВИ, на која за првпат јавниот и приватниот сектор на иста маса зборуваа за сето она што сме го направиле во минатото, каде сме сега и како да продолжиме во иднина без да ги повториме грешките“, продолжи со излагањето претседателот на Здружението.
Во рамките на дискусијата и во согласност со точките од дневниот ред беше претставен и Зелениот финансиски инструмент. Овој финансиски инструмент со вкупна вредност од 46 милиони американски долари, кој ќе се спроведува до април 2026 година, треба значително да ги подобри понудата и пристапот до поволно финансирање за мали и за средни претпријатија (МСП), како и за недоволно опслужени, но кредитоспособни целни групи на лица/домаќинства за инвестиции во решенија за обновлива енергија (ОЕ) и за енергетска ефикасност (ЕЕ). Инструментот е комбинација на финансирање проектни инвестиции преку заеми и лизинг со технички совети и услуги креирани за малите и средните претпријатија да применат и да имаат корист од технологиите за зелена енергија со високи перформанси.
По успешната верификација на инвестициските проекти преку GFF, малите и средните претпријатија имаат право на стимулација за враќање на средствата за успешно завршена инвестиција во износ од 5 до 10 % од главнината на кредитот и од 30 % за лицата/домаќинствата.
Во завршниот дел од седницата беше претставен и планот за работа на Здружението за 2024 година, идентификувајќи ги приоритетите за дејствување во иднина.