„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
28.03.2024
Како дел од активностите на проектот „Граѓаните против корупцијата“, што Стопанската комора го спроведува од април 2023 година, беше организирана средба со компании во Гостивар, на која се разменија идеи за активно вклучување на приватниот сектор во борбата против корупцијата.
Локалните претставници од бизнис секторот ги прифатија заложбите на Комората за креирање на бизнис околина заснована на интегритет, транспарентност и етички практики. На средбата присутните компании оценија дека неказнивоста и сивата економија се голем проблем за општеството во целина. Исто така, беше искажана загриженост за нефункционирањето на институциите, трошоците за бизнисите и неконкурентност што со себе ги носи корупцијата.
Потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски на средбата го презентираше проектот „Граѓаните против корупцијата“, кој финансиски е поддржан од УСАИД, а се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор. Проектот, меѓу другото, предвидува вклучување на приватниот сектор во борбата против корупцијата преку неколку средби на локално ниво и активности насловени “Граѓаните во акција“.