„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Почина Кристофер Сандерс советник на Претседателот на СКСМ за извоз

25.03.2024

Кристофер Сандерс роден британец кој целиот живот го помина во Германија, а кој го знаеше целиот свет како својот џеп пред неколку дена не напушти, оставајќи големи пораки за нас, за Комората, за бизнисот, и за државата.
Тоа е човек кој го донесе Костал во Охрид, човек кој препорача многу компании да инвестираат во Македонија и човек кој прифати целото свое искуство да ни го стави на располагање и покрај тоа што тоа знаење и искуство можеше да го пренесе било каде во светот. 
Пред извесен период тој беше гостин на месецот во Стопанксата комора каде ги изнесе своите гледишта за извозните можности и алатки за зголемување на извозот, а само пред една година во Берлин присуствувавме на средба со потенцијални странски инвеститори во негова организација. 
Тој беше човек што анимираше, поттикнуваше, поврзуваше и пренесуваше искуства без никаков личен интерес, што е редок пример денес. Својата советничка функција во Комората ја извршуваше без никаков надомест за што ние како бизнис заедница ќе му бидеме многу благодарни.
Јас и Крис првите контакти ги остваривме во Охрид кога тој со раководството на Костал ја остварија својата замисла и изградија современа фабрика на местото на прочуениот Емо кој како некоја пропаст зјапаше на влезот на Охрид. Тогаш тој едноставно кажа дека посветеноста која ја вложува во нас е влог во иднината и влог во младата генерација. 
Знаеше на достоинствен начин да го добие од животот тоа што другите мислеа дека е изгубено или да го каже тоа на начин што другите го мислеа, но едноставно нивната ограниченост тоа не им го дозволуваше. 
Неговата елегантност и елокваненост ги разоружуваше суетните персони кои ги има се повеќе околу нас. Тој беше другар кој секогаш имаше време за искрена поддршка, совет и лично водство. Беше привилегија да се познава ваков човек и да се помине дел од времето со него. Неговата реченицата дека еден ден Костал во Охрид ќе биде “големата риба во малото езеро”, на крај стана реалност под негово лидерство. 
Крис е еден од плеадата мои пријатели кои што за Македонија значат многу. Ние треба нив да ги искористиме и со тоа да покажеме дека без таква мрежа на значајни луѓе не можеме да тргнеме по патот по кој сакаме да одиме во иднина. 
Во името на СКСМ и во мое лично име можам да кажам само “Почивај во мир голем човеку”.

П.С. Ова е прилика да напоменам дека сето ова што го напишав немаше да биде без ликот и делото на Виктор Мизо, нашиот потпретседател и претседател на Советот на странски инвеститори. Му благодарам и нему!