„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА НАПРЕДОКОТ ЗА НАШАТА ЗЕМЈА - ЛЕТ ВО МЕСТО

10.01.2024

Стаса 2024 година, а вкусот на вистината кога станува збор за Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја, посебно во делот на образованието, со години останува ист – умерено подготвен и горчлив. И чудно е, како со години да не сакаме да го промениме, да ставиме некоја друга состојка и да го подобриме. Растот на бруто-домашниот производ (БДП) забави и стапката на раст е 1,2% (ДСЗ: 3-то тримесечје од 2023 година), за разлика од 2,1% во 2022 година и од 3,9% во 2021 година. Инфлацијата останува постојана, иако во 2023 година почна да се намалува (во октомври 2022 година го достигна својот врв и годишната стапка изнесуваше 19,8%), како одраз на зголемување на цените на енергијата во основните сектори на економијата: индустриското производство, транспортот и угостителството. Според Извештајот на Европската комисија, стапката на раст на увозот ја надминала стапката на раст на извозот, што значи дека надворешно-трговската размена бележи негатива во придонесот кон економскиот раст. На сето ова влијае и неформалната економија, која претставува голема пречка за деловното работење на стопанските субјекти, а Европската комисија нотирала дека борбата со неформална економија е нерешителна и оди многу споро. Според проценките на ММФ, неформалната економија сочинува дури 38% од БДП, иако се проценува дека бројот на неформални вработени како дел од вкупните вработени се намалил, од 18,6% во 2019 година, на 13% во 2022 година.

Предизвиците со кои се соочуваат стопанските субјекти во деловното опкружување во земјата ја поткопуваат конкурентноста на домашните компании, инвестициите и глобалната интеграција на синџирот на вредности и затоа во Извештајот е нотирано дека Македонија е умерено подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ. И наместо, државата да се справи предизвиците за подобрување на деловното опкружување и конкурентност на домашните компании, таа се потпира на обезбедување различни форми на државна помош за бизнисите, а ефектите од државната помош врз ефикасноста и конкуренцијата сè уште не се оценети. Врз целата состојба во економијата дополнително влијае и бавното прифаќање на иновациите и новата технологија и сложената правна и регулаторна средина, како и недостатокот на вештини и компетенции, интензивниот процес на флуктуација и на заминување на кадарот од нашата земја во европските држави, што реално придонесуваат за ниската продуктивност на деловните субјекти.
И затоа со години наназад, Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата земја укажува дека  долгорочната невработеност изнесува околу 80% од вкупните невработени, што во голема мера ја одразува вкоренетата неусогласеност на вештините иако трошењето за активни политики на пазарот на трудот (0,3% од БДП во 2022 година) е релативно високо во споредба со регионот, но пониско од просекот на ЕУ (0,6% од БДП). Невработеноста особено се одразува кај лицата со ниско ниво на квалификации, додека, пак, кај младите  (15-24 години) невработеноста и натаму останува висока и изнесува 31,8 %.
Иако е постигнат дополнителен напредок кон подобрување на стручното образование и обука, Европската комисија нотирала дека големиот недостиг на вештини и понатаму не е во сооднос на потребите на пазарот на трудот, што подразбира долга транзиција од училиште до работа. А вкусот на вистината да биде уште погорчлив констатирано е дека државата не ги имплементирала препораките од Извештајот од 2022 година, и затоа, како и со години наназад констатацијата на Европската комисија е дека нашата земја е умерено подготвена во областа на образованието. Тоа значи дека, заедно со големите празнини во транспортната и енергетската инфраструктура и слабото финансирање за инвестиции и иновации кои го ограничуваат потенцијалниот раст, државата е умерено подготвена да се справи со притисокот на конкуренцијата на европските пазари. А причините се исти од минатата година:
1.    Ниско ниво на државна финансиска поддршка за образованието и недостиг од човечки ресурси за спроведување на реформите и намалување на неусогласеноста на вештините.
®Јавната потрошувачка за образование и за обука изнесува 3,7 % од БДП, што е под нивото на земјите во ЕУ, кој изнесува 5 %;
®Трошењето е многу неефикасно, со застарени формули за прераспределба на средствата за образование од општините, а сè уште нема донесено нова методологија за финансирање на стручното образование и обука и нова формула за финансирање на високото образование;
®Недоволно финансиските средства го попречуваат соодветното спроведување на Стратегијата за образование 2018-2025 година и системот за следење на нејзината примена, како и професионалното усовршување и развој на наставниот кадар;
®Студиските програми во високото образование не се прилагодени на потребите за вештини и компетенции и дипломираните студенти не ги поседуваат соодветните вештини за да одговараат на побарувачката на пазарот на труд, иако бројот на лица со висообразовни квалификации е зголемен;
®Процентот на возрасни кои учествуваат во учењето е 2,6% (последен податок 2020 година), што е значително под просекот на ЕУ-27 од 10,8% (2021);
®Иновациската дејност и понатаму е ниска, со  0,4% од БДП. Учеството на приватниот сектор во севкупните трошоци за истражување останува слаб, со 0,1% од БДП. Според мерилата на ЕУ за иновации, и покрај сите напори што ги прават поединци, земјата ја сметаа за скромен иноватор.
2.    Одолжување на процесот на усвојување на законите од областа на образованието. Политичката нестабилност го попречува донесувањето на законите од областа на образованието.
®Неусвоениот Закон за стручно образование и обука, кој е суштински за реформата на стручното образование, ја отежнува системската примена на дуалниот модел на образование и на учењето преку работа, на операционализацијата на регионалните центри за стручно образование и обука и влијае на воспоставената  шема за соработка помеѓу стопанските субјекти, средните стручни училишта, стопанските комори и министерството за образование и наука за поддршка на учењето преку работа на учениците. Доколку се продолжи со пилот реформи во стручното образование, тие можат да ја изгубат својата смисла.
®Неусвоениот Закон за образование на возрасните ja оневозможува примената на поедноставни процедури за верификација на институцијата и на програмите за обука за преквалификација и за доквалификација, како и на процесот на вреднување на предходното знаење и стекнатите вештини, што е од голема важност за бизнис-заедницата во процесот на обезбедување кадар за своите потреби.
®Неусвоениот Закон за признавање на професионалните квалификации кој треба да биде усогласен со директивите на европското законодавство (Директивата на ЕУ 2005/36/EC), неизработката на транспарентен список на сите регулирани професии и на електронски регистар за истите го отежнува взаемното признавање на професионалните квалификации.
3. Отвореност на пристапот до квалитетно образование за сите со зголемување на уписот во предучилишна возраст.
Можеби е време да се опаметиме доколку сакаме силна и економски развиена држава, а единствен услов за тоа е квалитетно и функционално  образование кое ќе продуцира стручни кадри кои ќе имаат лесна транзиција на пазарот на трудот. Затоа неопходно е да се најдат начини за излез од образовната криза во која со години живуркаме и државата и образовните инстутиции да покажат вистински напредок во делот на образованието, како што со години тоа со своите активности го прави Стопанската комора во делот на стручното образование, а резултатите беа видливи: 2/3 од завршените деветтооделенци се запишаа во стручните училишта и 540 компании се вклучија во процесот на реализација на практичната обука.