„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември: Говор на Ралица Губерова, Претседател на Групацијата на Осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија на Националниот ден на осигурувањето

01.11.2023

Почитуван Претседател на Владата на Република Северна Македонија,

Почитувани претставници на Министерството за Финансии,
Почитувани членови на Советот на Експерти на Агенцијата за Супервизија на Осигурување,
Почитувани колеги и гости,
 
Во улога на Претседател на Групацијата на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија, најпрво сакам да ни го честитам Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември!
И како на секој празник, денес е повод да се направи преглед на она што е направено досега, како и да размислуваме за она што ни претстои.
Заедно, под надзор на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурување, имаме создадено динамичен и конкурентен пазар на осигурителни услуги на кој денес работат 5 друштва за животно и 11 за неживотно осигурување, а беа издадени и две нови лиценци во текот на оваа година.
На македонскиот пазар на осигурување се застапени европски, регионални и локални друштва за осигурување, од кои секое има придонесено да се воведат различни пракси и се дополнуваат меѓусебно во развојот на успешни бизнис модели. Ние сите се трудиме, во рамки на локалните пазарни и регулаторни услови, да применуваме современи решенија во нашата работа, со желба да ги следиме водечките меѓународни практики.
Сепак, сеуште има многу работа пред нас. И како Групација, и како поединечни компании, треба да се справиме со голем број предизвици што ни ги наметнува динамичното економско и регулаторно опкружување. Од една страна, разбирливо, регулаторните барања за нашата работа постојано се зголемуваат и пред нашата врата чекаат и Солвентност 2, и ИФРС 17, и либерализација на пазарот за осигурување од автомобилска одговорност, и Директивата за дистрибуција на осигурувањето. Хармонизирањето на нашата регулатива со европската и воведувањето на најсовремените стандарди за осигурителниот бизнис е неизбежен дел од планираната интеграција на Pепублика Северна Македонија во Европската Унија. Ова бара постојана работа од секој од нас во спроведувањето на новите барања, активен дијалог со регулаторот и постојана обука и развој на луѓето кои работат во осигурителниот сектор.
Од друга страна, за жал, климатските промени веројатно ќе доведат до поголеми катастрофи, кои е можно да предизвикаат почести и поголеми штети, за што треба да бидеме соодветно подготвени со методологија за правилна проценка на ризиците, како и обезбедување на соодветни технички резерви.
Но, можеби најголемиот предизвик што ни претстои е работата на понатамошниот развој на културата на осигурување во македонското општество, како кај физичките така и кај правните лица. И за да се справиме со овој предизвик мораме да работиме заедно, во рамките на Групацијата на осигурувањето како платформа за размена на добри практики, за дијалог за важни прашања и за предлози за подобрување на законодавната рамка. Од друга страна, секоја од нас, осигурителните компании поединечно има важна задача да го поттикне општеството кон подобро разбирање на осигурувањето како важен финансиски инструмент за намалување на негативните последици од идните и непредвидени настани, кои се со значаен финансиски ефект врз осигуреникот. Тоа може да се направи преку примена на адекватни пазарни принципи во нашето работење, фер конкуренција меѓу компаниите, која ќе стимулира понуда на флексибилни производи по разумни цени, наменски кампањи за подигнување на свеста за осигурувањето на различни групи во општеството и континуирана финансиска едукација.
Како заклучок би потенцирала дека единствено преку заеднички активности на сите учесници на пазарот на осигурување, со поддршка и координација од страна на регулаторот, заедно можеме да влијаеме за зголемување на бројот на осигуреници, зголемување на стапката на пенетрација на осигурувањето, за финално да обезбедиме развој на целокупниот пазар на осигурување. Со наведеното ќе се подигне важноста и значењето на осигурувањето, ќе имаме се повеќе задоволни осигуреници, а друштвата за осигурување ќе станат поатрактивно место за работа на квалитетен кадар кој ќе биде мотовиран да го вложи своето време и труд во развој на овој значаен сектор за економијата и општеството во целина.
Ви благодарам!