Во рамки на Активностите на двата УСАИД проекти: „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“ и „Партнерства за економски раст“, во простриите на Стопанската комора на Северна Македонија се одржа информативен настан на тема „Механизамот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување: Концепт, имплементација и предизвици“, во коорганизација со Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо.
Преку настанот компаниите се информираа за Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) чија основна цел е да овозможи наплата на праведна цена за јаглеродот што се емитува во текот на производството на некои јаглеродно-интензивни стоки при нивниот увоз во ЕУ, но и да поттикне почисто индустриско производство во земјите кои не се членки на Унијата.
На настанот, д-р Златко Ветеровски, Помошник директор за Сектор за меѓународна соработка, проекти и европска интеграција при Царинската управа на Република Северна Македонија, пред присутните ги претстави основните карактеристики на Механизмот и неговите импликации врз македонската економија и извоз. Исто така, за да им се овозможи на компаниите навремено да се подготват за неговото воведување на 1 јануари 2026 година, на настанот детално беа објаснети и разгледани, постапките, известувањата, сертификатите за содржина на јаглеродот, поддршката и неговото следење, како и практични примери за спроведување на Механизмот.
Дополнително, претставниците на приватниот и јавниот сектор имаа можност да се запознаат со даночната политика на земјата во однос на Механизмот, која ја изложи Александра Наќева Ружин, Посебен советник на Министерот за финансии во Владата на Република Северна Македонија.