„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

РЕГИОНАЛНА ПРОМОЦИЈА НА НОВИТЕ ФИНАНСИСКИ ИНСТРУМЕНТИ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗА МИКРО, МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

05.10.2023

Скопје е домаќин на регионалниот хибриден настан “Open4Business - Made in the Western Balkans - Supported by EU” во организација на Европската комисија, а во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и Western Balkans 6 Chamber Investment Forum (WB6CIF). Заедно со високи претставници на Европската комисија и ЕУ Делегацијата во РС Македонија, настанот го отвори г-дин Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.

Настанот привлече внимание на 500 микро, мали и средни компании од Западен Балкан. Притоа, одзивот беше најголем во Северна Македонија каде настанот го следеа вкупно 239 компании. Останатите компании го следеа настанот од Белград, Приштина, Сараево, Подгорица и Тирана.
Настанот е регионална промоција на новите финансиски инструменти на Европската Унија за микро, мали и средни претпријатија кои се достапни во регионот преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) во партнерство со меѓународните финансиски институции. Финансирањето ќе биде достапно во форма на заеми, капитал, грантови, гаранции, инвестициски стимулации и техничка помош, во насока на добивање на средства со намалени каматни стапки, намален износ на колатерал и зголемена рочност.
Имено, пристапот до финансии е од витално значење за раст на приватниот сектор за да ги одржат производствените процеси и остваруваат развој, како и за инвестиции, иновации, креирање на работни места и имплементација на напредни техники и технологии. Обезбедувањето прифатливи заеми и гаранции е уште поважно за компаниите од Западен Балкан, кои во споредба со претпријатијата од Европската Унија, уште повеќе се потпираат на финансирање од банки, во услови на понизок развој на капиталните финансирања. Сепак, нивото на финансиска поддршка мерено според степенот на кредитирање на приватниот сектор на банкарскиот сектор како процент од БДП во Западен Балкан е 1,5 до 2 пати пониско од просекот на Европската Унија. Во многу развиени земји на Европската Унија, учеството на кредитите на приватниот сектор во БДП надминува 100%, додека просечното учество во ЕУ е 91,3%. Во земјите од регионот на Западен Балкан учеството на кредитите на приватниот сектор во БДП се движи од 34% до 55,7%. Споредбата меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија покажува дека постои голем простор за зголемување на финансиската поддршка за приватните претпријатија.
Во насока на интензивирање на финансиската поддршка на претпријатијата во процесот на приближување на земјите од ЗБ кон ЕУ, претседателот Азески истакна дека секој треба да направи нешто во својот дел:
  • Европските банки и меѓународни развојни институции да го зголемат износот на поволни, субвенционирани кредити кои ќе бидат дополнети со грантови и гарантни шеми за да се постигнат подобри услови за претпријатијата корисници во однос на каматните стапки, колатералот и сл.
  • Домашните банки треба да бидат уште повеќе проактивни овие кредитни линии да ги доближат до претпријатијата. За да се намалат каматите и да се намали износот на колатерал што се бара од претпријатијата, два клучни проблеми кои ги идентификувавме заедно со нашите членки во Комората, потребно е поактивно да се користат расположливите гарантни фондови од Европската Унија, а и државата да ги дополни сопствените гарантни фондови наменети за стопанството. Со државни гаранции и гарантните шеми од ЕУ, ќе се намали кредитниот ризик кај банките и тие ќе можат да ги одобруваат кредитите со многу пониски камати и помало покритие кое се бара од претпријатијата. 
  • Микро, малите и средни претпријатија, да се обидат да ја зголемат својата техничка експертиза за подготовка на добри и одржливи проекти кои банките ќе можат да ги поддржат. Зголемувањето на конкурентната способност како услов за влез на европскиот пазар неминовно бара поголеми вложувањата во зелена енергија, енергетска ефикасност и иновации и апелирам претпријатијата да се обратат кај банките за вакви средства под поволни услови.
<
Економско-Инвестицискиот План (ЕИП) за Западен Балкан се фокусира на значењето на поддршката за стартап и микро, мали и средни претпријатија (ММСП) како средство за остварување на целта и затоа насочува значајни средства за инвестиции во иновации и зелен раст. За да се ослободи потенцијалот на приватниот сектор, понудена е зголемена ЕУ финансиска поддршка преку комбинирани инструменти од грантови и кредити, и гаранции во рамките на Гарантната линија за Западен Балкан (ЕФСД+). Во согласност со Економско-Инвестицискиот План, клучните приоритети за развојот на приватниот сектор во Западен Балкан, вклучуваат: зелена транзиција, одржливо земјоделство, дигитална транзиција и иновации, трговија и иновации на вредносните синџири, финансиска вклученост и финансиска диверзификација. Од 2009 година досега, остварени се следните клучни резултати за Западен Балкан:
  •  600 милиони евра ЕУ фондови за ММСП
  • 6 милијарди евра вкупен износ на инвестиции
  • 5.000 ММСП поддржани
  • 120.000 работни места креирани
  • 14.000 млади луѓе вработени или тренирани
  • 30 стартапи поддржани со СЕЕД инвестиции
  • 1,3 милиони Мегават часови годишна заштеда на енергија
  • 400.000 Тони намалена емисија на јаглерод диоксид