„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

МОБИЛНОСТ НА РАБОТНА СИЛА ПРЕКУ ИНИЦИЈАТИВАТА „ОТВОРЕН БАЛКАН“

20.09.2023

Реална имплементација на процесите за мобилност на работна сила преку иницијативата „Отворен Балкан“ беше темата на дискусија на седмата седница на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора, што се одржа на 19 септември 2023 година.

На Советот стана збор за сериозниот проблем на недостаток на работна сила што не ја заобиколи и нашата земја, како и останатите во Европа, и сѐ повеќе се доведува во прашање останокот на виталност и конкурентност на македонската економија. Дополнително, поради овој сериозен проблем, нашиот пазар станува неатрактивен за странските инвеститори.
Фокусот на седницата, беше ставен на мобилноста на работна сила и олеснување на процедурите за истата, бидејќи се отворија многу празнини во однос на обезбедување работна сила која е неоходна за фунционирање на компаниите и за одржување на нивната продуктивност, посебно за занимања кои бараат специфични знаења и вештини. Беше констатирано дека преку Советот треба да се работи на поттикнување флексибилни процедури за да може во реалноста да се почувствува бенефитот од „Отворен Балкан“, како иницијатива за слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги, посебно во делот на мобилност на работна сила. Со тоа се отвора можност за компаниите кои што инвестираат и работат во регионот, да најдат соодветен кадар за своите потреби според потенцијалот што го нуди регионот, а не да се потпираат исклучиво на понудата на работна сила во границите на државата во која работаат.
На седницата се отвори дискусија за можноста да се размислува и за увоз на работна сила и од други странски држави, како едно преодно решение на пократок рок за пополнување на настанатите празнини од работна сила. Беше потенцирано дека во земјава некои компании имаат увоз на странска работна сила, се издаваат дозволи за таа намена, но постапката за македонските компании е многу сложена за разлика од постапката во другите соседни земји, се губи многу време и енергија, а трпат и работните процеси.  Сепак заради одредена претпазливост, паралелно со поедноставување на процедурите, увозот на работна сила мора системски да биде уреден.
На седницата беше истакнато дека нашата држава е социјална држава и дека 60% од Буџетот одат за социјални транфери, во кои спаѓаат и средствата за исплата на пензиите на пензионерите. Во таа насока, една од можностите е да се направат одредени измени во исплатата на социјалната помош, со цел да се поттикнат неактивните лица да се вклучат на пазарот на труд и да се избегне сивата економија, бидејќи Македонија е една од ретките држави во која има висока стапка на невработеност, а има недостиг на работна сила. 
На седницата беа презентирани и досеганите полугодишни реализирани активности во рамките на Советот.
Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките доби и нов претседател, м-р Наташа Јаневска, проектен манаџер во Стручната служба на Комората, како и нови членови.  Потпретседател на Советот останува Зоран Витанов од „ЦЕФЕ“, Македонија, додека останати  членови се: Игор Давков, „Eаст Гате Сег“ ДОО, Скопје; Марјан Николов, Центар за економски анализи - „ЦЕА“, Скопје; Славчо Бујаровски, „Сигма - СБ“ ДООЕЛ, Скопје;  д-р Благица Новковска, национален експерт за пазар на труд и образование; Билјана Деловска, раководител на секторот за истражување и анализа на пазарот на труд;  Даниела Бавчанџи, раководител за развој „Арберија Дизајн“ и Ирена Милков, раководител на одделение за стручен назор и евалуација на програми за образование на возрасни.