„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

СРЕДБА СО НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА КРАЛСТВОТО ТАЈЛАНД

31.05.2023

Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Анотни Пешев, денес во просториите на комората оствари работна средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Тајланд во Македонија, со седиште во Анкара, Н.Е Апират Сугондхабиром.  Средбата се реализираше во рамките на неговата посета на Република Северна Македонија по повод врачувањето на акредитивните писма од страна на претседателот на Р. С. Македонија, Стево Пендаровски.

Извршниот директор Пешев, му посака добредојде на новиот амбасадор претставувајќи ја работата и залагањата на Стопанската комора во однос на креирање поволна бизнис атмосфера и услови за раст и развој на домашната економија, особено во делот на енергетиката, обновливите извори на енергија, ИКТ секторот, земјоделието и др.
Тој напомена дека иако Кралството Тајланд е на голема географска оддалеченост и е недоволно познат пазар за компаниите од земјава но и од регионот, сепак можности за плодна соработка постојат, особено на економски план. Затоа, потребно е да се работи на рушење на постојните бариери и создавање атмосфера за соработка. Постои голем потенцијал за поврзување на бизнис секторите особено во делот на производство на обновливи извори на енергија и складирање на произведената енергија од фотоволтаици, како и соработка во делот на земјоделието односно производството на природни ѓубрива и користењето на истите во земјата и регионот.
Амбасадор Сугондхабиром посочи дека уште од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Кралството Тајланд и Северна Македонија во 2005 година, односите меѓу двете земји се на високо ниво но и дека постои волја за дополнително јакнење на врските меѓу владиниот, а особено бизнис секторот. 
Тој истакна дека во Комората гледа партнер во идните напори за промовирање на двонасочната трговија и инвестиции. Со заедничка соработка ќе се изнајдат начини за охрабрување на приватните сектори од двете страни да ги зајакнат меѓусебните деловни контакти и да ги промовираат севкупните можности за градење на подобри партнерства, што би довело до раст на потенцијалот на трговско-економските врски меѓу двете земји- додаде амбасадорот. Соработката меѓу двете земји дополнително може да се зајакне и преку ТОББ-Трговско-индустриската комора на Турција, со којашто и амбасадата и комората веќе имаат воспоставено долгогодишна соработка.
Двете страни се согласија дека во наредниот период Комората заедно со амбасадата е потребно да иницираат и подржат бизнис посета на стопанственици од Тајланд во Македонија но и обратно, за во директна комуникација на потенцијалните бизнис партнери се остави простор за продлабочување на соработката и уште еднаш да се покаже дека со поголем ангажман, спремност и поенергичен пристап можат да се покажат позитивни резултати.