Утре, најстариот универзитет кај нас „Св. Кирил и Методиј“ ќе добие нов ректор. Секогаш сум бил приврзаник на идејата дека треба да се развива институцијата, но морам да кажам дека за тоа, најголемо значење има поединецот. Тоа е корелација која мора да функционира беспрекорно. Балансирањето на тие две работи ја определува успешноста на самата институција. Ако се земе фактот дека најголемите човечки ресурси во образованието и науката се наоѓаат токму на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, јасно е, дека изборот на прв човек е многу важно прашање.
Зошто?
- Создавањето кадар за потребите на бизнисот ќе биде доминантна тема и врвен приоритет на Стопанската комора на Северна Македонија како најстара и најбројна бизнис заедница во наредните 10 години, и од тој аспект овој универзитет за македонскиот бизнис е значаен.
- Проектот Европска мрежа на бизнис можности - ЕЕН (Enterprise Europe Network) како најголема мрежа во светот за поддршка на бизнисот и воспоставување партнерства е првиот и најзначаен, најдолговечен проект со кој започнаа проектните активности на Комората со ЕУ. Денеска Комората, 40% од своите приходи ги остварува токму од проектните активности. ЕЕН е проект со единствена цел да им помогне и на малите и на средните компании од Северна Македонија деловно да соработуваат со своите партнери од ЕУ и пошироко и да ги искористат можностите што ги нуди европскиот пазар.
- Со универзитетот секогаш сме имале беспрекорна соработка, взаемно почитување и разбирање кое сакаме да продолжи и понатака.
- Моите родители, јас и мојата сопруга, моите деца се дипломци на овој универзитет, а тоа, и како човек, и како претседател на СКСМ буди позитивни чувства.
- Ја гледав на телевизија дебатата на кандидатите за ректор и за мене, особено значајно е, што најголем дел од кандидатите прозбореа токму за таа врска помеѓу универзитетот и бизнисот, што е значаен напредок и го ценам како позитивен момент.
Утре, токму заради сето ова, посакувам да биде избран најдобриот. Тој ќе биде оној кој што ќе ја надмине својата суета и ќе ги прифати најдобрите програмски определби од своите против кандидати, но кои ќе бидат во согласност со општите определби за развој на државата. Нашите актуелни состојби зборуваат дека се наоѓаме на сериозен крстопат на кој треба да се одлучиме каде ќе одиме. Комората веќе ја донесе својата одлука. Ние бараме да се напуштат партиските приоритети и да се бориме за државните. Декларацијата што ја донесовме на 100-годишната од своето постоење јасно кажува дека евроатланските цели мора да се остварат само со доминација на државните интереси. Треба да престанеме да бараме причини, да го губиме непотребно време во расправии и да тргнеме по патот на практичноста преку која се гради државата. Ние ќе изградиме држава само ако изградиме силен коректив на власта, а за тоа е потребно да имаме силен бизнис, јак образовен систем во универзитетите и во МАНУ, професионални медиуми и значаен невладин сектор.
ПС: Што е мојата порака?
За да не биде Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ „искомплексиран“ од Шангајската листа потребно е да се направи промена на најмалку четири работи:
Прво, да се напушти принципот на финасирање според број на студенти, а да се воведе принципот на квалитет на произведените кадри и да се намали времето за чекање работа на дипломираните студенти, затоа што заостануваме во споредба со останатите европски земји.
Второ, да се намали експанзијата на студиски програми без соодветна анализа на потребите на пазарот на трудот и на капацитетите за нивна реализација.
Трето, задолжително едуцирање на студентите со практична настава во текот на студиската година.
Четврто, проектните активности на Универзитетот мора во себе да ги вклучуваат и студентите, а не само наставниот кадар како досега (суштински, а не формално).